Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, информираше дека бројот на пожарите не се намалува и според досегашното искуство, како што рече, се очекуваат и нови. Тој апелираше граѓаните да бидат исклучително внимателни, да не предизвикуваат пожари, а доколку забележат пожар веднаш да го пријават.
Ангелов денеска информираше дека во текот на вчерашниот ден имало 37 пожари на отворен простор, а денеска до 16 часот 23. Од нив, како што рече, пет се изгаснати, осум се ставени под контрола, а десет се активни.
– За жал, очекувам во следните неколку часови да се појават нови пожари на отворен простор, бидејќи тоа ни го покажува досегашното искуство, рече Ангелов.
Најтешкиот пожар којшто повеќе од 20 дена се обидуваат да го изгаснат, e пожарот на територијата на Општина Македонски Брод, како што информираше, којшто во моментов има два крака.
– Кракот што навлегува во ловиштето Јасен е ставен под целосна контрола, додека, врз вториот крак, што се движи во насока на село Белице и ресторанот Белице, утрово дејствувавме со еден словенечки хеликоптер, а од копно делуваме со 15 припадници на полицијата како и 15 припадници на македонската армија. Воедно, на нив им помагаат тројца пожарникари и четири лица од Националниот парк. За жал, на некои места гори квалитетна борова шума, рече директорот.
Во врска со вториот тежок пожар во Пехчево, во насока на селото Негрево, информираше дека дејствуваат со пет ер трактори, а на земја гаснат 15 припадници на армијата, 10 припадници на полицијата, 10 вработени во ДЗС и 32 вработени во Национални шуми.
Ангелов рече дека при овој пожар гори мешана шума, а битката со него, како што рече, ќе трае и следните денови.
На територијата на Општина Новаци, како што дополни, има пожар кој што се провлекува неколку дена околу село Полог, Тегавци, Гнилеш и Пралово.
– Овој пожар го гаснеме од земја, бидејќи гори ниска вегетација, трева грмушки, и трња, но се гледа од далеку и создава силна вознемиреност кај локалното население. Од земја гаснат 15 пожарникари, четири лица од Национални шуми, двајца од ЈКП и десетина доброволци од месното население, рече тој.