„За да се освојат нови пазари, потребно е да се преземат ризици. Колку поголем ризик толку поголем профит. Можеби понекогаш не е добро премногу да се размислува затоа што ако човек премногу анализира, може да дојде до заклучок дека не треба ништо да преземе зашто сè е опасно“, вели оперативниот директор на „Грин машинс“, Ангел Анѓушев, во новата епизода на подкастот „Бизнис-клуб“ во разговорот со претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија.
Според него, потребна е храброст да се опстане во пазарната економија. „Брако“ е компанија која работи според зелената агенда и според зелената енергија и која ги следи модерните текови. Производите на „Брако“ се присутни на американскиот пазар во 10-ина држави на САД и во Мексико, додека, пак, Европа, Источна Азија, Велика Британија, како и Блискиот Исток се традиционални пазари за нивните производи.
„Секој менаџер во секое време мора да знае што се случува со компанијата; да знае како да се справи со ризиците; да знае кога може да троши, а кога не. Досега не сме дошле во опасност до дојдеме до губење на ликвидноста и настојуваме тоа така да остане“, истакна Анѓушев.
Во разговорот со претседателот Азески за компатибилноста на странските универзитети каде што студирал и за претприемачкиот дух на младите, кои сѐ повеќе флуктуираат во другите земји, истакна дека има компатибилност на програмите кај техничките науки за разлика од општествените, затоа што станува збор за природни закони или за закони на механиката од кои нема отстапување и кои не можат различно да се толкуваат, но доколку некое младо лице сака да се занимава со претприемништво, мора стоечки да издржи и да наоѓа начини како да ги надминува предизвиците.
„Секој млад човек кој сака да се занимава со претприемништво мора да има цврст менталитет, никогаш да не се самосожалува, никогаш да не гледа на предизвиците од негативен аспект бидејќи ќе има и предизвици и притисоци и тешкотии и проблеми од технички и од меѓучовечки аспект, но сето тоа мора да го прифати со една позитивна енергија и со раширени раце и наместо да мисли на тоа колку е проблемот голем и тежок, треба да размислува како да го реши“, потенцираше Ангел Анѓушев.