Видео: Андоновски: За шест месеци починале 82 бебиња на Гинекологија

by Fokus

По објавата на „Фокус“ дека на скопската Клиника за гинекологија починале 82 бебиња за шест месеци, а само 20 во последните две недели реагираа и од опозицискиот СДСМ.

Според нив, во време кога граѓаните се иселувале масовно од земјата, а со тоа се намалувал и бројот на населението, Македонија се уште не можела да ги заштити и зачува идните поколенија.

– Најфрапантни, грозоморни последици од криминалните политики и популистичкиот пристап на оваа ненародна власт е губењето на животите на новороденчињата!Во изминатите 6 месеци од оваа година починале дури 82 новороденчиња на Клиниката за гинекологија и акушерство. Алармантна е состојбата! – тврди доктор Ангелчо Андоновски.

Тој додава дека само во последните 2 недели починале 20 новороденчиња, што е катастрофа за еден здравствен систем, за една држава, за нејзината иднина!

Министерот за здравство, кој го доби епитетот министер-смрт, лажно го фали здравството дека цвета, всушност здравството пропаѓа а со тоа и здравјето на нашата популација тоне и е во тотален колапс. Бројката на починати новороденчиња е аларманта, новороденчињата во Македонија починуваат масовно. Министерот-смрт треба да излезе пред граѓаните со официјалната бројка којашто е должен да ја достави и до СЗО, но и пред сопствениот народ. Да каже отворено колку чинат животите на нашите малечки душички – тврди Андоновски.

Според него, министерот е одговорен заради оваа грозоморна состојба.

– Вие сте одговорни и за лошата организација на здравствениот систем и конечно Вие сте одговорни за нестручноста на вашиот партизиран кадар. Запрепастувачката бројка од која се фрапирани дури и Вашите верни подржувачи се должи на Вашата неспособност, вашиот партизиран кадар, нефункционалниот систем, недоволниот број на доктори и некористењето на модернистички методи. Подучени од околните европски држави каде министрите за здравство даваат оставка само поради тоа што отишле преку ред за оперативен зафат, Тодоров мора да замине веднаш! Вакви здравствени катастрофи недозволиво е да се случуваат – истакна Андоновски.

Поврзани новости