Американец уби шестгодишно дете бидејќи било муслиман, пренесуваат американските медиуми. Џозеф Чуба (71) со нож нападнал две лица во Плејнфилд, Илиноис, при што усмртил малолетник и повредил една жена.
Тој го избодел детето 26 пати.
Полицијата соопшти дека нападот бил поттикнат од тековниот конфликт меѓу Хамас и Израел. Американскиот претседател Џо Бајден рече дека му се гади од овој напад врз мајка и син, кои биле Палестинци-Американци.
„Ваков ужасен чин на омраза нема место во Америка. Тоа е спротивно на нашите основни вредности. Како Американци, ние мора да ја отфрлиме исламофобијата и сите форми на нетолеранција и омраза“, рече Бајден.
Чуба е обвинет за убиство од прв степен, обид за убиство од прв степен, злосторства од омраза и тежок напад. Во саботата наутро, полицијата добила повик од жена која рекла дека била нападната од сопственикот на станот каде што живеела, во Плејнфилд и дека истрчала во бањата.
Кога полицајците пристигнале на местото на настанот, затекнале жена и момче со повеќе убодни рани во градниот кош, торзото и горните екстремитети. Двете жртви биле пренесени во болница, но момчето починало. Подоцна било утврдено дека детето било избодено 26 пати. Мајката има сериозни повреди, но лекарите очекуваат таа да преживее, пишува Би-би-си.
Полицијата го пронашла Чуба како седи на земја во близина на патеката на станбената зграда, се вели во соопштението.
Убиеното момче Вадеа ал Фајоме е родено во САД, додека неговата мајка Ханаан Шахин, по потекло од Западниот Брег, дошла во земјата пред 12 години. Вадеа имаше роденден пред неколку недели.