(Видео) Агелер: Не бев изненадена што Груби се најде на црната листа, сите знаат кој е корумпиран во оваа држава

by Fokus

Американската амбасадорка Анџела Агелер во интервју за Слободен печат вели дека не е изненадена од тоа што Артан Груби се најде на црната листа на САД, бидејќи, како што рече, сите во државата знаат кој е корумпиран.

Таа нагласи дека е многу задоволна и од полициските акции кои ги гледа изминативе денови.

„Не. И моја претпоставка е дека веројатно никој во оваа земја, меѓу граѓаните, во судството… не бил изненаден кога го видел неговото име на листата. Една од работите што е факт е кога САД објавиле назначување на некој поединец, а истото важи и за судијата Беџети, никој не вели, боже, не ми се верува. Сите знаат во оваа држава кој е корумпиран. И јас, и вие знаете, искрено, дека ова е нешто за кое тесно соработувавме со Вашингтон за да го обработиме. Поминаа многу, многу месеци. Така што воопшто не бев изненадена. Бев многу задоволна. Бев многу задоволна и што Вашингтон можеше да го објави соопштението на Меѓународниот ден за борба против корупцијата, на 9 декември. Значи, не бев изненадена. Бев задоволна“ рече амбасадорката на САД.

Агелер вели дека сепак е оптимист дека земјата е на вистинскиот пат и дека САД ќе продолжат да помагаат Македонија да биде економски здрава и „со робусна економија и сектори, кои работат во најдобар интерес на своите граѓани“.

„Очекувам дека движењето напред ќе продолжи, бидејќи сакаме да бидеме сигурни дека оваа земја, која не само што е голем партнер и важен пријател, туку и како сојузник во НАТО и стратешки партнер, го остварува својот потенцијал за да имаме корист од тоа сите. Вашиот успех како држава е наш успех. Ние ќе продолжиме да работиме кон таа цел“ порача Агелер.

Поврзани новости