(Видео) Афера со ботови на Вучиќ ја тресе Србија

by Fokus

Афера со ботови ја тресе Србија. Според белградската редакција на ТВ„N1“, на интернет се појави листа од 14.310 профили на владејачката Српска напредна партија на социјалните мрежи Фејсбук, Инстаграм, Твитер и Тик Ток.

На  нив ботови на владејачката партија испраќаат свои пораки и коментари во кои го идеализираат претседателот Александар Вучиќ и неговите политики или пак ги навредуваат и напаѓаат сите оние кои не мислат така, а на прво место српската опозиција и демонстрантите кои веќе неколку недели „шетаат“ и бараат заминување на Вучиќ од политичката сцена.

Листата содржи и конкретни имиња на ботови, а 3.162 од нив биле „откриени“ кои „професионално“ или факултативно, покрај нивната постојана работа или функција, работат за СНС. Станува збор за бројни вработени во градските администрации, министерства и други државни или локални институции, како и директори на училишта, професори на факултети и други кои зависат од државниот буџет.

Српските медиуми јавуваат дека некои добиваат хонорари за оваа мала услуга за Вучиќ и владејачката партија за да им помогнат да ја надминат инфлацијата и тешката социјална состојба.

Сметките на ботовите се поделени во четири категории. Тоа се класични ботови чија должност е да пишуваат пофално и афирмативно за СНС и политиката на Вучиќ, потоа т.н. суперспецијалисти, најчесто вработени во државни и јавни служби кои реагираат во вонредни ситуации и се поливалентни – од покажување љубов кон голем лидер до мразење на непријателот. Потоа е подгрупата „хејтери“ задолжени за навреди, омаловажување, „излагање“ и исмевање на оние кои имаат спротивно мислење за мисијата и големината на Вучиќ, а во последната група „фанови“ задолжени само за фалење и охрабрување на култот на Александар Вучиќ.

Откако беа откриени, некои сметки беа избришани или затворени. Извесен Марко Јовановиќ призна дека е „бот“, како и негов имењак, а и двајцата биле „алтер его“ на поранешниот претставник на СНС во Собранието, Јанко Лангура.

Според N1, градови со најмногу СНС ботови се Крушевац со 87 луѓе, Шабац со 70 и Лесковац, каде се наведени 63 лица кои ја извршуваат оваа задача, а меѓу нив има претставници во Градскиот совет и вработени во администрацијата и градските претпријатија.

Пред неколку години, од Твитер беа избришани околу 8.500 пофални сметки на СНС и Вучиќ, а од тие сметки беа објавени повеќе од 40 милиони твитови, според N1.

Пред неколку години, денешниот градоначалник на Белград, Александар Шапиќ, призна дека користи ботови, но се пожали дека „нарачките за пофалба“ не стигнуваат до него.

 

Поврзани новости