(ВИДЕО) Адвокатот на Кишишев: Мојот клиент од страв го препишал и потпишал писмото што му го дал Палевски

by Fokus

Адвокатот на Влатко Кешишов, Игор Ефремов, по денешното судење за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски побара обвинителството да утврди како Љупчо Палевски Палчо успеал да му даде писмо на неговиот клиент, кое потоа го натерал да го препише и потпише. Претходно, во судница, Кешишев ја повлече изјавата со која го амнестираше од вина Палчо, и рече дека ја напишал од страв од Палевски, кој пак, му ја дал за време на транспортот од притворот во Шуто Оризари до Кривичниот суд.

Полицијата во два наврати ги спровела заедно Палевски и Кешишев, во исто комбе.

Во изјавата пишуваше дека Палевски за време на убиствата спиел во штабот на партијата, а делата ги извршиле останатите обвинети, но не беше наведено кој пукал во Вања и во Панче.

– Влатко Кешишев на денешното судење даде појаснување за таа изјава. Тој ја негираше целосно изјавата и рече дека два пати бил транспортиран од затворот до судот и назад со првообвинетиот и при тој транспорт Палевски му дал ливче. Палевски од Кешишев побарал да го препише со свој ракопис, да стави потпис и да го пушти до Судот. Кешишев појасни дека чувствувал страв од првообвинетиот и поради тоа го стори тоа. Тој ја повлекува изјавата и сè што има да каже, ќе каже пред судот, рече адвокатот Ефремов.

Адвокатот рече дека по завршувањето на судењето, самиот судија побарал од затворската полиција отсега, па натаму, транспортот да се одвива со четири комбиња.

– Секој треба да се транспортира одделно, токму поради вакви влијанија, да немаат контакт едни со други. Дадената изјава може да биде предмет и на Обвинителството, рече Ефремов.

На прашањето дали обвинетиот Кешишев го има оригиналот што го напишал првообвинетиот Палевски, адвокатот Ефремов рече дека тоа ќе го остави на Јавното обвинителство да го открие, ако смета дека треба да отвори истрага.

Валентина Вурмо

Поврзани новости