Мексиканските власти соопштија дека уапсиле маж осомничен дека намерно подметнал пожар во бар во мексиканската држава Сонора, во кој загинаа 11 лица. Пожарот избувнал во 01:33 часот во саботата во бар во Сан Луис Рио Колорадо, во близина на границата со САД, пишува Си-Ен-Ен.
Меѓу жртвите е и 17-годишно момче и американски државјанин, изјави на прес-конференција Густаво Ромуло Салас Чавез, државниот правобранител на Сонора, додавајќи дека се обидуваат да утврдат дали починатата Американка имала и мексиканско државјанство.
Надлежните изјавија дека осомничениот бил во тешка алкохолизирана состојба кога го подметнал пожарот и дека фрлил запален предмет на вратата од локалот откако обезбедувањето го исфрлило од шанкот.
„Сведоците наведуваат дека осомничениот бил исфрлен од кафеана затоа што се однесувал непристојно кон жените“, се вели во соопштението на обвинителството.
Обвинителството соопшти и дека мажот фрлил нешто слично на молотов коктел во барот и дека тоа го предизвикало пожарот. Покрај 11-те загинати, во пожарот се повредени и најмалку шест лица. Едно лице се уште е во болница, две се пуштени дома, додека три се префрлени на лекување во американските болници.