Студентските домови од понеделник, 5 октомври ги отвораат вратите за студентите, но со намален капацитет.
– Секоја соба која што ќе има до две легла ќе сместува максимум еден студент, секоја соба која што ќе има повеќе од две легла ќе сместува максимум двајца студенти. На самите влезови на студентските домови ќе бидат инсталирани бесконтактни диспанзери коишто ќе служат за дезинфекција, дезобариери и сите пропратни елементи коишто ќе го чинат новиот начин на живеење во студентските домови. Ќе се забранат користењето на заедничките простории, користењето на мензите ќе бидат на начин на којшто секоја маса од другата маса ќе биде одделена на два метри, а на секоја маса за четворица ќе може да бидат максимум по двајца студентите, вели директорот на Државниот студентски центар, Дарио Николовски.
Тој вели дека во изминатиов период Државниот студентски центар се стабилизирал финансиски, реновирани се сите блокови во домот „Гоце Делчев“, завршен е проектот за реновирање на зградите 1 и 2 во студентската населба „Стив Наумов“.
Министерката за образование и наука, Мила Царовска вели дека во студентските домови во Скопје има и дополнителни слободни места за сместување на студентите, доколку во следниот период некои факултети го променат начинот на изведување на наставата од онлајн преминат во настава со физичко присуство.
Согласно новите протоколи поради пандемијата со Ковид-19 капацитетот во студентските домови во Скопје е 2.080 места, а досега вкупно се примени 1.614 студенти.