Македонскиот јазик е единствениот службен јазик, ги уверуваше Заев македонистите

by fokus

Македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, се единствени службен јазик и службено писмо на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи, ги уверил премиерот, Зоран Заев, македонистите од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ со кои оствари средба денеска.

Заев се повикал на ставот 1 од амандманот V во Уставот на Република Македонија, и со Законот за употреба на македонскиот јазик од 1998 година. Научниците од овој институт претходно реагираа на носењето Закон за јазици предложен од Владата со кој се регулира институциналната употреба на албанскиот јазик.

Премиерот им укажал на претставниците од Институтит дека со ова законско решение се обезбедуваат правата на помалите заедници во Република Македонија, и дека во исто време, ова е последното отворено легалистичко прашање кое произлегува како обврска од Охридскиот рамковен договор.

„Претседателот на Владата на РМ посочи дека овој предлог закон ја регулира употребата на немнозинските јазици на локално и, во определени области, на централно ниво. Премиерот Заев укажа на фактот дека законот е обврска од амандманот V од Уставот на Република Македонија донесен во 2001 година, односно пред 16 години, и дека овој предлог закон не е прв од оваа сфера, туку дека доаѓа после Законот за употреба на јазик што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните на Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа од 2008 година и измените и дополнувањата на истиот тој законот од 2011 година“, соопштуваат од Владата.

Научниците од Институтот му нагласиле на Заев дека предлог законот има непрецизности, што може да создат погрешни толкувања.

За време на средбата научниците му се пожалиле на премиерот дека од 1998 година нема нови вработувања во Институтот, дека има потреба од освежување на научниот тим и дека последниот одобрен научен проект е од 2010 година.

Заев им дал ветување на македонистите дека Владата ќе работи на афирмирање на македонскиот јазик и негово унапредување со формирање на Фонд за поддршка преку кој ќе се финансираат научни дела.

На предлогот на Заев, граѓаните ќе имаат слободен пристап, без надомест, до капиталните дела „Правопис на македонскиот јазик“ и „Толковен речник на македонскиот јазик.

Поврзани новости