Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, коментирајќи го тоа што денеска Приштина доби статус на придружна членка на Парламентарното собрание на НАТО и најавата дека наскоро би можела да стане членка на Советот на Европа, изјави дека сето тоа се случува додека Приштина е под санкции.
„Санкциите во кои им се дава визна либерализација, придружна членка на Парламентарното собрание на НАТО, тоа е чекор повисоко отколку што беа, членство во Советот на Европа… Тие санкции се тешки“, изјави Вучиќ на новинарите за време на обиколката на Комплексот фабрики за борбени системи во Крушумлија.
Во јуни минатата година, Европската унија воведе санкции против Приштина поради непреземање мерки за смирување на ситуацијата на северот на Косово.
Според Вучиќ, тоа покажува „дека тие цело време работеле заедно, како координирана екипа“, односно дека „само глумеле добар и лош полицаец“.
Зборувајќи за тоа што Приштина доби статус на придружна членка на Парламентарното собрание на НАТО на 25-годишнината од агресијата врз поранешна Југославија, тој рече дека „им се допаѓа да го прават тоа на вакви датуми“.
„Затоа ги принудија нашите бедници да го предадат Милошевиќ на Видовдан, затоа денеска одлучија за Приштина како придружна членка на Парламентарното собрание на НАТО, затоа ќе изберат посебен ден кога ќе ги примат во Советот на Европа“, рече Вучиќ.