Шверцерите на убиената мигрантка Фатмата добија по една година затвор

by Fokus

По една година затвор добија шверцерите на мигрантката Фатмата, која беше убиена во Гевгелија по тепачката меѓу нив и полицијата, дознава „Макфакс“. Но, и натаму нема одговор кој го истрела куршумот од полицискиот пиштол во неа – лицата што ја превезуваа или полицаецот.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција води постапка. Полицаецот има статус на осомничен. Но, не се знае дали ќе седне на обвинителна клупа или ќе биде ослободен. Одлуката ќе биде донесена кога ќе се добие обдукцискиот наод.

„Истражната постапка е во тек. Предметниот јавен обвинител ги презема сите неопходни дејства за расветлување на случајот. По добивање на извештајот од обдукцискиот наод, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката.

За осомниченото лице, предметниот обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција во моментот кога ја отвори истражната постапка до Основниот кривичен суд – Скопје побара на осомничениот да му бидат изречени мерки на претпазливост.

Судијата на претходна постапка го прифати предлогот и на осомничениот со решение му определи обврска да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган и привремено му е одземена патната или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање“, велат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за „Макфакс“.

Двајцата шверцери, кои беа фатени со мигранти во нивните возила, признале вина.

Поврзани новости