Ковид-19 ќе ја третираме како секоја друга заразна болест,  Комисијата за заразни болести препорачува укинување на мерките

by Fokus

Комисијата за заразни болести ќе им препорача на Владата, Министерството за здравство и Главниот координативен кризен штаб да се укинат сите задолжителни мерки против Ковид-19.

Д-Р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести, рече дека ова се однесува на задолжителното носење маски во болниците, јавниот превоз, аптеките и домовите за стари лица и домовите за лица со посебни потреби.

Тој објасни дека ваква препорака ја даваат по одлуката Светската здравствена организација да стави крај на пандемијата и поради намалениот број на ново заразени со корона вирусот.

Д-р Мехмедовиќ рече дека Ковид-19 ќе продолжи да се третира како вообичаена болест, а ќе препорачаат и натаму да се носат маски во болница кои заедно со вакцинацијатта се покажаа како добри мерки за заштита од Ковид-19, особено за повозрасните лица.

„Со оваа одлука, целта е и да направиме транзиција од пандемиско ниво, да го третираме ковид-19 како вообичаена заразна болест. Како Комисија би сакале да препорачаме, со оглед на позитивното искуство кое покажа како може да се превенираат интерхоспиталните инфекции, болестите кои се пренесуваат, дополнителното оптоварување со таквиот вид на болести, и понатаму да се носат маски во болниците, и на лицата кои ќе се најдат таму и на оние кои одат во посета. Ова особено се однесува на лицата кои се во високоризичните групи“, рече д-р Мехмедовиќ .

 

На денешниот состанок Комисијата расправала и за тоа дали има потреба извештаите за коронавирусот да се прават на неделно ниво и за коронавирусот да се известува како за сите други респираторни болести – еднаш месечно.

Поврзани новости