Вевчанската компанија на братот на Мукоски доби нов тендер за одржување на државни објекти

by fokus

Вевчанската градежна компанија „Атриум“ во сопственост на Бобан Мукоски, брат на Крсто Мукоски, еден од опозициските пратеници што овозможи двотретинско мнозинство за уставни промени според Преспанскиот договор, повторно, како и години наназад, доби тендер од Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор.

Најновиот договор, со трајност од една година, е склучен на 28 март, а беше објавен на сајтот на Бирото за јавни набавки.

-Изведба на земјани, ѕидарски, бетонски, армиранобетонски работи и селење за тековно и инвестиционо одржување на станбениот и деловниот простор и други објекти со кои стопанисува Акционерското друштво и обврски во гарантен рок, согласно описот на позициите и единечните количини дадени во Спецификацијата за цени, се наведува во договорот.

Тендерот е со максимална вредност од 96.000 евра, односно реализацијата не смее да ја надмине оваа вредост.

Како што веќе пишуваше неделникот ,,Фокус”, оваа фирма досега наплатила
1,5 милион евра за тековно одржување државни објекти по пат на договори со некогашниот ПУИК добиени со дампинг-цени, поради што реагирала Комисијата за јавни набавки и нејзини членови, а за дел од овие тендери неодамна беше поднесена и кривична пријава од МВР.

Во последната деценија, АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор со вевчански „Атриум“ склучил рамковни спогодби за тековно одржување вредни 3,3 милиони евра, во чии рамки биле реализирани договори во износ од 1,5 милион евра.

Притоа, две третини или 1 милион евра од овие реализирани средства се наплатени врз основа на договори склучени во периодот од 2012 до 2016 година, за кој всушност се води предистрага.

Според поднесената пријава од МВР, со неа се опфатени поранешниот директор на ПУИК Цветко Грозданов и 9 вработени.

Иако тие, според МВР, ѝ овозможиле на вевчанската фирма незаконски да заработи 725.000 евра за 4 години (2012-2016), сепак, не се гони никој од фамилијарната компанија на поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

-Пријавените, во својство на службени лица (претседатели и членови на комисија за спроведување на јавни набавки) во периодот од 2012 година до 2016 година искористувајќи ја својата службена положба и овластување постапиле спротивно на одредбите на Законот за јавни набавки и на тој начин овозможиле правен субјект од Вевчани да се стекне со противправна имотна корист во износ од 44.606.548 денари, информираа лани од МВР.

В.В.

Поврзани новости