Ветуваат поддршка за лицата со попреченост, но декларацијата се уште не ја потпишуваат!

by Fokus

Пред почетокот на локалните избори во земјава, до сите кандидати за градоначалници беше упатен јавен повик од страна на Ресурсен центар на родители на деца со попреченост, да потпишат декларација со која се обврзуваат дека за време на нивниот мандат ќе ги поддржат родителите и нивните деца, и ќе работат на креирање на политики за олеснување на нивниот живот.

Но, иако речиси сите кандидати кои беа избрани во првиот круг на гласањето, а и оние кои ќе се борат за функција во вториот круг, ветуваат безрезервна поддршка за оваа категорија на граѓани, сепак не сите ја потпишале декларацијата.

Некои од нив се сретнале со претставници од центарот, дури и се фотографирале со нив, но потпис не се случил. Наводно, ќе се потпишеле доколку евентуално победат и седнат во градоначалничка фотеља.

Од Ресурсен центар за ,,Фокус” велат дека се свикнати на манипулации и недоволна грижа за нивните деца од институциите и системот. Сепак, во надеж за подобар живот, тие уште еднаш апелираат до оние кандидати кои ја немаат потпишано декларацијата, да го сторат тоа најдоцна до петок, пред вториот круг на гласање. Дали кандидатите ќе го сторат тоа, е важен податок за голем број на гласачи, со цел полесно да се определат кому да го дадат својот глас.

-Дел од кандидатите, од кои некои веќе победија во првиот круг, ја потпишаа декларацијата. Но, има и такви, кои се уште ни се немаат обратено, или пак ветуваат дека ќе се потпишат ако победат во вториот круг.

Оние кои помеѓу првите потпишаа се Арбен Таравари, Митко Јанчев, Горан Стојанов, Кирил Пецаков, Константин Георгиески, Борче Јовчески, Томе Христоски, Марко Колев…

Понудата е отворена, во декларацијата е наведено дека потписниците се обврзуваат во првите шест месеци од стапување на функција ќе направат мапирање на социјалните сервиси и ќе изготват социјален план за општината. Во првата година да ги анкетираат и регистрираат сите лица со попреченост, со посебен осврт на нивните потреби, но и нивните знаења, со цел инклузија и социјализација.

Дека ќе креираат достоинствени услови за живот и претставници од нивните семејства ќе бидат дел од телата кои ги креираат политиките и реализацијата на сервиси и објекти на ниво на општина – за ,,Фокус” појаснува Маргарита Милошеска од центарот, која е родител на дете со попреченост.

Потенцијалните градоначалници кои сакаат да се обврзат за поддршка на лицата со попреченост и нивните семејства, и да дадат свој придонес во подобрување на квалитетот на нивниот живот, можат да се јават на телефонските броеви 078 449 852 и 078 449 853 и да се информираат повеќе на темата, односно доколку се подготвени да го прифатат предизвикот, да договорат потпишување на декларацијата.

Вики Клинчарова

Поврзани новости