Ве-це шолја и капење еднаш седмично е она што е ВИП во ВИП ќелиите во Шутка

by fokus
Хашките соби, односно ќелиите во затворот Шутка, каде во изминатиов период продефилираа голем број на познти бизнисмени и политичари, се еден вид на ВИП простории, за кои се смета дека се наменети за привилигирани лица. Митко Чавков, Орце Камчев, Сашо Мијалков, а сега и Бојан Јовановски се само дел од лицата кои се нашле во таканаречените елитни ќелии.
Околу тоа што е ВИП во овие простории, кои беа изградени во 2006 година, од страна на тогашниот министер за правда од ВМРО ДПМНЕ, Михајло Маневски, бидејќи се бараа ќелии според стандардите на Хашкиот трибунал, за „Фокус” уште пред две години појасни Александар Диневски, еден од обвинетите во случајот Шпион, кој имал можност да престојува таму.
-Хашките соби се вкупно шест, со далеку попристојни услови за разлика од сите други соби. Таму се сместуваат лица со нарушено здравје, врски, или пак лица на кои им е загрозена личната безбедност според карактерот на делото. Инаку, собата е околу 24 м2 и во нив се сместуваат двајца, а поретко тројца притвореници, што е сосема пристојно ако се знае дека во Д5 на пример бевме 6 души во просторија од 17 квадрати – раскажуваше Диневски.
Според него, ако нешто може да смета за привилегија, тоа била веце шољата, ламинатот и релативно новите душеци на креветите.
-Собата има веце шоља (во сите други е чучавец) оградена со ѕидче од 1 метар, големо лавабо, голем прозорец од кој се гледа управната зграда и влезната врата на затворот, дрвена врата со квака, релативно нови кревети и душеци, наткасни, а послана е со ламинат. Нема телевизори како што беше објавено или пак имало некогаш… Сите соби од ова крило имаат посебно заедничко пристојно купатило на истиот кат и бањањето (еднаш неделно) се одвива на смени. Таму и храната ја дели ислучиво чуварот кој дежура во ходникот! Нема никаков интернет ниту ТВ, не смее ни мобилен да има – ни изјави тогаш Диневски, демантирајќи ги приказните дека станува збор за простории кои личат на хотелски соби и нудат комодитет на затворениците.
Во времето кога беа изградени ќелиите, требаше да пристигнат хашки случаи за воени злосторства. Условот тогаш беше земјава да има обучени судии во Хаг за водење процеси за злосторства против цивилно население, но и да има ќелии според стандардите на Хашкиот трибунал.
Вики Клинчарова

Поврзани новости