Пожарот кај Неготино кој е активен трет ден и од вчера ја зафати и планината Серта, предизвика огромна загриженост кај населението, посебно кај жителите кои имаат имот во Калањево, Липа и други околни места.
Синоќа пламените јазици се засилија и постоеше огромна опасност истите да ги зафатат овие места, поради што беше издадено соопштение од неготинскиот кризен штаб, луѓето од овие села да се засолнат во градот.
Како што утрово раскажува за ,,Фокус” ловџија кој синоќа бил на местото на настанот, мештаните и оние кои имаат викендици и фарми со добиток во овие места имале голема среќа.
-Очекувавме се да изгори, пожарот се приближуваше кон Калањево, но во еден момент започна да дува ветер од јужен правец, по што пламените јазици се насочија кон другата страна, односно го одминаа Калањево.
Засега, овие места се безбедни, но се уште гори Серта. Ова е еколошка катастрофа од невиден размер, раскажа мештанинот.
Во секој момент се очекува кон Неготино да се упатат ер тракторите и да започнат со гасење на пожарот. Се уште нема информација дали ќе дојдат трите, или пак само два ер трактори, а армискиот хеликоптер од утрово е на местото на настанот и гаси со големо ведро.
Вики Клинчарова