Ветингот ги „испразни“ судовите и обвинителствата во Албанија

by fokus

Во Албанија речиси 70 отсто од судиите и обвинителите досега биле опфатени со процесот на ветинг, односно проверка на нивните квалификации, нивниот имот, интегритетот и поврзаноста со организираниот криминал. Од нив, само помалку од половина се потврдени на функцијата од страна на Независната комисија за квалификации (КПК), јавија албанските медиуми.

Според овие податоци, комисијата донела 214 одлуки за разрешување, 230 се потврдени на функцијата, 133 случаи се ставени во мирување (што подразбира дека судиите се вон системот), од кои 95 поради поднесена оставка и 38 од други причини.

Комисијата е прва фаза од процесот на проверка, а последниот збор го има Специјалниот апелациски колегиум, чии одлуки се конечни.

Од доставените жалби колегиумот донел 168 одлуки, од нив 123 се потврдени или околу 75 отсто од вкупниот број разгледани случаи.

Меѓу оние кои не го минаа ветингот беа и шест од девет уставни судии, заедно со претседателот Башким Дедја, поради што оваа институција не функционираше повеќе од две години.

Процесот на проверка требаше да заврши во јуни оваа година, но тој е одложен до крајот на 2024 година, давајќи им време на телата за проверка да ја завршат работата. Одлуката беше донесена во февруари од Парламентот, благодарение на инсистирањето и на САД и на ЕУ.

Поврзани новости