Ветеринари од Агенцијата за храна и ветеринарство, во соработка со надлежното ветеринарно друштво и стручни лица од Факултетот за ветеринарна медицина вршат контрола на одгледувалиштето за овци во гостиварското село Симница.
„Земени се мостри за лабораториско испитување од добиточната храна и водата во одгледувалиштето, од производи од млеко и сирење кое се произведува во бачилото, со цел утврдување на евентуално присуство на заразна болест кај добитокот и евентуалната причина за појава на болест од која две лица починаа, а уште 7 се лекуваат на скопската Клиника за инфективни болести“, извести Агенцијата за храна и ветеринарство.
Земена е и крв од овците за дијагностичко испитување, со цел утврдување на евентуалниот причинител на заразата.
На одгледувалиштето зголемени се и биосигурносните мерки, а во текот на денот ќе биде извршена и комплетна дезинфекција и дератизација.