Поранешната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева се враќа на чело на ова судско тело откако Управниот суд донел одлука да ја поништи одлуката за нејзиното контроверзно разрешување.
За одлуката на Управниот суд извести порталот Сакам да кажам, а ја донеле судијките Ељмедине Асани, Виолета Богојеска и Имсале Хасани.
Според извори на “Фокус” оваа пресуда е конечна и ќе мора да се почитува, односно сегашниот претседател Сашко Георгиев ќе мора да се повлече од претседателското место, а Дамева да се врати на претседателското место веќе наредната седница.
Дамева беше разрешена со седум гласови по иницијатива на тогашниот нејзин заменик, Селим Адеми, наводно за нарушени меѓучовечки односи.
Членовите кои бараа разрешување на Дамева тврдеа дека таа го криела писмото што го испрати амбасадорката Анџела Агелер до судските и извршните власти, правела раздор и се однесувала како институцијата да е нејзина, додека Дамева тврдеше дека тоа е поради сензитивни точки поврзани со одговорност на судии кои требало да ги стави на дневен ред и за разрешување на судии.
Според Дамева, причина за нејзиното разрешување поточно беше ставањето во процедура на седница постапката за разрешување на судијата Енвер Беџети, кој девет месеци го држел предметот „Таргет-Тврдина“ во кој обвинет беше порснешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.
По разрешувањето, таа поднесе тужба до Управниот суд и кривични до Обвинителството.
Ф.Ф.С.