Планираме да изградиме по една нова детска градинка во зоната покрај реката Вардар и на просторот околу некогашна „Алуминка“, со што значително ќе се подобри капацитетот и квалитетот на грижата за најмладите карпошани, најави кандидатот за градоначалник на СДСМ за Општина Карпош Душко Весковски, презентирајќи ја изборната програма.
-Тоа, пред сѐ, ќе значи згрижување на сите дечиња од предучилишна возраст што се на листите на чекање, но и можност за отворање нови работни места. Новите детски градинки ќе бидат во согласност со најновите стандарди, енергетски ефикасни, со многу зеленило, и со површини за спроведување рекреативни и спортски активности на дечињата во текот на нивниот престој. Дополнително, во рамките на можностите и потребите, ќе извршиме и реконструкција на постојните капацитети во детските градинки, со цел подобрување на условите за вработените и за дечињата што се згрижени во нив – рече Весковски.
Воедно, тој денес оствари средба со професори од Технолошко-металуршкиот факултет – Скопје, заедно со носителот на советничката листа на СДСМ Марин Докузовски.
-На работната средба се дискутираа и можностите за ангажирање на стручни лица во процесите на изработка на предлог проекти за третман на отпадот создаден при производствените процеси. Исто така се посочија и отворените можности за доквалификација на вработените во потенцијалните загадувачи на територија на општина Карпош со што ќе се обезбеди соодветно квалификуван кадар за справување со проблемите на загадувањето и намалување на истото – истакна Весковски.