Весковски најави младински центар и поддршка за децата со попреченост

by Фокус

Кандидатот на СДСМ за градоначалник на Карпош Душко Весковски најави основање на Младински културен центар преку реконструкција и адаптација на библиотеката „Другарче“.

-Проектот предвидува екстерно реновирање и обнова на објектот, внатрешно уредување, зголемување на фондот на литература за сите возрасти, осовременување на читалната, со дигитален пристап до одредена литература, заживување на кино салата, изградба на сензорна соба со која ќе овозможиме инклузија на децата со попреченост, како и создавање можности за реализација на голем број работилници, едукативни, културни
и други настани – рече Весковски.

Воедно, тој најави дека во првата година од мандатот во просториите кои порано беа користени како дневен престој во Вера Циривири Трена ќе се отвори првиот центар за стручна помош и поддршка на децата со попреченост.

-Во основните училишта и градинките на територија на Општина Карпош се вклучени вкупно 99 деца со попреченост на возраст од 2 до 10 години, што е само 19 отсто од вкупниот број на деца со попреченост или одредени развојни потешкотии кои живеат во нашата општина. Бидејќи сите истражувања поврзани со раниот детски развој потврдуваат дека искуството кое го стекнуваат децата во текот на раното детство имаат трајно и значително влијание во понатамошниот живот на децата, во мојот мандат како приоритет ќе биде развивање на социјалните услуги за помош и поддршка на децата со попреченост и нивните семејства – рече Весковски.

Дополнително, тој додаде дека сите детски игралишта на територија на општината ќе бидат надополнети со реквизити кои можат да ги користат и децата со попреченост.

Поврзани новости