Нашата политика во наредните четири години е фокусирана на подигнување на нивото и квалитетот на одржување на постојното зеленило и садници и воспоставување нови зелени површини, а клучниот капитален проект е изградбата на големиот зелен парк спроти населбата Карпош 4, изјави кандидатот за градоначалник на СДСМ на Карпош Душко Весковски.
-Наша заложба ќе биде субвенционирање на граѓаните во Општина Карпош со инвертери заради зголемување на енергетската ефикасност, а со тоа намалување на загаденоста, односно заштита на животната средина. Исто така ќе се продолжи трендот на поставување фотоволтаици на јавни објекти каде што е возможно тоа. Еден од нашите главни приоритети е одржување на високо ниво на комуналната хигиена и урбаната опрема во Општината, за што ќе ангажираме соодветен број комунални редари – рече Весковски.
Тој додава дека ќе се залага за сите објекти за згрижување на деца, образовни и културни институции, да бидат претворени во енергетски ефикасни објекти, со уредени зелени површини.