Проектите што ги предвидуваме треба да придонесат за зајакнување на капацитетите на постојните детски градинки, за зајакнување и интензивирање на примената на спортот и различните спортски дисциплини, за поддршка на воннаставните активности и културното издигнување на младите генерации, изјави кандидатот на СДСМ за градоначалник на Карпош Душко Весковски.
-Планираме да изградиме по една нова детска градинка во зоната покрај реката Вардар и на просторот околу некогашна „Алуминка”, со што значително ќе се подобри капацитетот и квалитетот на грижата за најмладите карпошани – рече Весковски.
Тој посочи дека проекцијата за новите детски градинки предвидува изградба на објекти од по 1.480 квадратни метри на два ката и згрижување на 130 до 150 деца од предучилишна возраст во еден објект.
Инаку, Весковски најави дека во првата година од мандатот ќе овозможи и форум за редовна комуникација претставниците на пензионерите, со цел, како што рече, дел од нивното искуство да се примени во креирањето на политиките што ќе ги спроведува Општината.
-Ќе го продолжиме спроведувањето на хуманата патрола за помош и нега во домот, а ќе дејствуваме и во олеснување на нивното секојдневие со различни активности во соработка со засегнати страни – истакна тој.