Весковски ја презентираше програмата: Двојно повеќе зеленило од бетон

by fokus

Хумана урбанизација, зелена агенда, економски развој, мој градоначалник и инфраструктурни инвестиции – Држава без кал – ова се петте столба на кои ќе се потпира програмата на кандидатот на СДСМ за градоначалник на Карпош Душко Весковски.

-Нашиот Карпош е интелектуален, економски, социјален и еколошки двигател на Градот Скопје. Одлучни сме целосно да го искористиме овој потенцијал преку поставување и одржување на уште повисоки стандарди на хумано и планско урбано живеење – рече Весковски.

Како што рече тој при промоција на програмата, таа предвидува планско градење со заштита на јавниот интерес согласно со уставните принципи за хумано живеење и почитување на приватната сопственост, со тоа што, додаде Весковски, за секој квадрат нов бетон ќе има двојно повеќе зелени површини, а за новите градби ќе се предвиди соодветно сообраќајно решение и доволно паркинг-места.

Во однос на зелената агенда, тој посочи дека во овој мандатен период ќе се заврши терцијарната мрежа за гасификацијата, ќе се инвестира во алтернативни извори на енергија, во фотоволтаици на покривите на јавни објекти, ќе се градат модерни депонии, ќе се доделуваат субвенции за електрични тротинети итн.

Исто така, презентирајќи ја програмата, Весковски најави инвестиции од централната власт, промена на даночни политики за сопственици на повеќе недвижности, сервисирање долгови, укинување на парафискални давачки, социјални трансфери и поддршка на претприемаштвото и отворањето нови бизниси.

Образложувајќи го делот „мој градоначалник“, тој најави дигитален систем за непосреден контакт на градоначалникот и советниците со граѓаните и постојана, брза, ефикасна размена на информации за услуги од надлежност на локалната самоуправа, соработка со НВО-секторот и партиципација на нивни претставник во кабинетот на градоначалникот.

Во врска со сегментот на инфраструктурни инвестиции – Држава без кал, кандидатот за градоначалник на Карпош истакна дека 80 милиони евра преку Светска банка што ги реализира МФ ќе се наменат за изградба на локални патишта, 45 милиони за водоводна и канализациски мрежи во општините, како и изградба на атмосферска канализација, реконструкција на полски патишта и велосипедски патеки.

Поврзани новости