Вешти лица за несреќата кај Ласкарци: Техничкиот преглед не ја прикажува состојбата на автобусот на денот на незгодата

by Fokus

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска се испитува вештото лице Јованка Савова во врска со несреќата што пред четири години се случи кај местото Ласкарци, a во која загинаа 16 лица и повеќе од 30 беа повредени.

Савова е дел од тимот што го изготви супервештачењето кое судот го нарача во декември 2021 година.

На прашања од бранителот на шестообвинетиот, Савова одговори за начинот на кој се стекнала со лиценца за вештачење, при што рече дека не полагала за истата, туку, со искуство од пет години во Бирото за супервештачење, формално се стекнала со неа, како што своевремено дозволувал законот.

Потоа бранителот ја испрашуваше во врска со техничките прегледи на автобусот и начинот на кој што се извршени.

– Предмет на супервештачењето беше во врска со техничката исправност на автобусот, а земајќи ги предвид спротивставеностите во претходно изготвените вештачења. Во однос на истото, вештите лица се произнеле како што се произнеле. Ние не сметавме дека тој технички преглед ја прикажува состојбата на автобусот на денот на незгодата, рече таа.

Прашана колку контролори треба да бидат присутни при технички преглед согласно правилникот, таа одговори двајца. Додека, според видео записот од еден од извршените технички прегледи рече дека не забележале колку контролори се присутни, и, како што рече, „цело внимание ни беше посветено на автобусот“.

Прашана дали била на увид на местото каде се случила сообраќајна незгода за време додека се изготвувало супервештачењето, таа одговори дека два пати ја возеле таа делница со колегите сообраќајци.

Прашана дали за неа како вештак, машински инженер, има нешто чудно во тоа, четири ипол месеци после незгодата да нема свежо истекување на масло, ниту на цилиндарот за управување со пратечката оска, ниту околу него, и одеднаш такво свежо истекување да се појави 44 месеци по сообраќајката, баш кога тие биле на увид, таа одговори дека е поминато долго време.

– Поминато е долго време. Зборуваме за голем период, дека може да дојде до дополнително протекување, може, рече таа.

Поврзани новости