Со прашања поврзани за системот на управување на автобусот на Дурмо турс, во Кривичниот суд во Скопје денеска продолжи сведочењето на вештакот Перо Стефановски за предметот „Ласкарци”, кој се однесува на автобуската несреќа во која загинаа 16 лица, а над 30 беа тешко повредени.
Вештото лице денеска го испрашуваа бранителите на шестте обвинети, меѓу кои се возачот на автобусот, сопственикот на Дурмо турс, еден вработен и три лица од сервисот за технички преглед.
Вештото лице на почетокот на сведочењето, се изјасни дека при вршење на временско – просторна анализа не е дозволено да се врши анализа на можноста за избегнување сообраќајна несреќа со земање предвид на некои дејства кои што во овој случај возачот не ги презел, при што изјави дека тоа се должи на тоа што реакцијата во овој случај е инстинктивна.
– Ова се должи на тоа што реагирањето во овој случај е инстинктивно, рефлексно, надвор од волјата на возачот, а не свесно човечко дејствије, оттука анализирање на разни варијанти не може да биде предмет на стручна анализа, рече тој.
Во однос на прашањето дали доколку свртел кон десно, целата траекторија на движење на автобусот ќе била поинаква од таа што е реално остварена, вештото лице одговори дека не би се согласил.
– Не би се сложил дека траекторијата би била поинаква, затоа што кога еднаш таква инерција кога ќе се насочи автобусот кон лево, потоа не може истиот да биде вратен на коловозот без да удри на оградите, би удрил еден метар или два понапред гледано во негова насока на движење, рече Стефановски.
Тој дополни дека кога веќе возачот видел што се случува и инстинктивно реагирал за тоа, смета дека притискањето на кочницата бил негов најсоодветен избор за дадените конкретни околности.
Бранителот на второобвинетиот, посочи на дел од извештајот на вештакот во кој тој вештачи дека на цилиндрите на кочниот и управувачкиот систем имало траги на старо течење од течност. Вештакот се произнесе дека во моментот на незгодата, кога бил превртен автобусот, на лице место, видливи биле траги од свежо истекување на таа течност..
Бранителот на третообвинетиот од вештакот побара да каже кои документи ги добил од бранителот на шестообвинетиот врз основа на кои го изготвил својот вешт наод, на што тој одговори дека го изготвил откако претходно извршил увид во сите докази кои му биле дадени на ЦД.
– Јас посебен попис и набројување на сите докази документи или литература што ја употребува не ја наведов, меѓутоа, вештиот наодот го изготвив откако претходно извршив увид во сите докази кои ми беа дадени на ЦД од извршениот увид од страна на МВР, упатството за користење на автобусот и некои други научни литератури, а потоа правев лични анализи и истражувања, кажа тој.
Според исказот, му бил даден прирачник во кој се наведува дека во овие упатства се наведуваат информации за одржување на возилото, по што бранителот на третообвинетиот праша дали во самото упатство е наведено дека при следното преземањето на возилото се препорачува возачот прво да се запознае со неговото работно место.
Од вештиот наод и прашањата на бранителот на третообвинетиот, понатаму се утврдило дека еден од индикаторите бил покриен со црна лента на што бранителот праша дали доколку се работи за возач кој е професионалец, и доколку истиот забележи неисправност или индикатор требало веднаш да реагира да пријави во сервисот на „Дурмо турс“, а не да го управува автобусот, вештакот одговори дека, колку што му е нему познато, предметниот возач тој автобус за прв пат го управувал во 2019-та година, критичниот ден и дека тој имал техничка можност тоа да го забележи.
При што, на прашање од бранителот дали пред тргнување на пат, должноста за проверка на исправноста на возилото и неговата задолжителна пропишана опрема е на возачот кој ќе управува со возилото на пат, тој изјави дека делумно се согласува.
Вештакот дополни дека кога возачот има важечка сообраќајна дозвола и патен налог, нема причина да очекува дека ќе добие технички неисправни возило, ако ги забележал покриените индикатори требало да реагира.
– Кај јавен превоз на патници, правното лице е должно трајно да организира и трајно да врши контрола на техничката исправност на возилото, не може да очекувате возач кој што тоа не му е работно место да врши контрола на сите системи во возилото, за тоа има служба, заклучи вештакот. Притоа се согласи со бранителот на прашањето дека возач професионалец мора да управува само исправен автобус.
Бранителот на на четвртообвинетиот на денешното рочиште не постави прашање до сведокот, бидејќи смета дека другите ги исцрпеле.
Бранител на петтообвинетиот рече дека возачите во својство на сведоци не забележале никакви неправилности со автобусот, на што вештакот одговори дека според неговите наоди тие не забележале ништо невообичаено.
Тој притоа упати прашање кон вештакот дали ќе се согласи со него дека возачот Маноил Трифуновски можеби ја ставил лентата кога тргнал од Скопје за Гостивар во 16 часот.
– Колку што мене ми е познато состојбата покажува дека лепенките биле оставени релативно подолг временски период, исто како и во претходниот случај кај осовината каде што има течење на течност, појасни вештакот.
На што бранителот праша дали одлепената лента била однесена за хемиско испитување да се утврди состојба на лепакот, нејзината лепливост, како би утврдиле од кога би можела да потекнува нејзината сила на лепење, со што вештакот кажа дека не е однесена.
На прашањето дали според фотографиите од увидот нема траги од истекување на маслото од цилиндарот за управување, вештакот одговори дека не е физички можно да се регистрира такво истекување. – Тоа е релативно мало и при брзина од 99 на час од воздухот кој струи не може видливо да биде регистрирано, додае тој.
Бранителот продолжи со прашање дали состојбата на автобусот на 2 јуни 2018 година не може да биде основа за вештачење на фактичката состојба на сообраќајната несреќа, на што вештакот одговори дека доказите се тие што се и врз основа на тоа е направен вештиот наод.
Обвинетите Дурмиш Белули, сопственикот на „Дурмо турс”, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот Маноил Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.
Судењето за овој случај продолжува на 15 март 2021 година. Случајот го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Дарко Јакимовски.
Автобуска несреќа кај Ласкарци се случи на 13 февруари 2019 година околу 17 часот во атарот на селото Ласкарци, скопско, во која загинаа 16 лица. Автобусот на компанијата „Дурмо турс“ сообраќал на релација Скопје-Гостивар, со 51 патник, сите од Гостивар.