Вештак: Поради нагмечување на мозокот животот на Села бил во опасност

by Fokus

Со сведочење на вештаци од судска медицина денеска продолжи судењето за обидот за убиство на Зијадин Села што се случи на 27 април во 2017 години во Собранието.

Докторот Здравко Чакар пред судот појасни со какви повреди се здобил Села, истакнувајќи дека животот му бил во опасност.

– Повредениот се здобил со тешка телесна повреда, која му го довела животот во опасност. Најтешка повреда што ја имал е нагмечување на мозокот, локализирано тесно челно. Опасноста по животот произлегува од оштетувањето на мозочното ткиво, рече докторот Чакар.

Адвокатот Донче Наков при распрашување на вештакот заклучи дека докторот Чакар немал лиценца за судско вештачење, бидејќи вештачењето за повредите на Села било изготвено на 15.6.2017, а вештакот посочи дека лиценцата му е со датум 15.1.2018 гидина.

– Немам повеќе прашања за вештаци кои немаат лиценца, рече Наков, кој додаде дека според него доктор Чакар бил еден од најстручните доктори, но додаде дека во вештачењето има формални пропусти.

Еден од адвокатите цитирајќи го отпусното писмо на Зијадин Села од КАРИЛ истакна дека таму пишува дека пациентот бил примен свесен, прооден респираторен систем, реакција на зеници, пулс 90, притисок 120 со 90, па праша дали ова се симптоми за нагмечување на мозочна обвивка?

Доктор Чакар рече дека ова прашање не може да се одговори со да или не, бидејќи во медицината не може да се одговори на овој начин. Затоа појасни дека Села вака бил примен, но потоа се јавува оток на мозокот поради што се развива клиничка слика, односно се влошува состојбата.

-Еве ќе појаснам, се случува да примите пациент и на прва се да е во ред, а по два саати починува, истакна доктор Чакар.

В.В.

Поврзани новости