Препишувањето на тестови на училиште, со цел да се добие повисока оценка без знаење е нешто кое го имало отсекогаш. Подавање на ливчиња со напишани одговори на прашања, како и скришум решавање на задачи со дигитрон беше најчестиот начин да се ,,надитри” професорот во минатото, а денес помеѓу учениците масовно е распространето препишувањето, односно пишувањето на училишни задачи со помош на вештачка интелигенција.
Речиси да нема ученик или професор кој изминатиот период не слушнал за апликацијата ГПТ. Било да се работи за предметен тест, или пак за домашна задача, доволно е само да се има мобилен телефон и интернет, и за дел од секунда се добиваат одговори на сите прашања, како и решенија на математички задачи, со комплетно појаснување како се доаѓа до точниот одговор кој се бара во задачата.
ChatGPT, односно GPT (Generative Pre-trained Transformer) е модел за вештачка интелигенција развиен од страна на OpenAI. Тој е базиран на напредна техника на машинско учење која користи големи количини податоци за да научи и генерира текст на природен начин. Моделот е способен да одговара на прашања, пишува есеи, создава текст, помага со програмски код и врши други задачи поврзани со јазик.
GPT се тренира со користење на огромни количини текстови од различни извори, што му овозможува да генерира одговори кои се логични и звучат природно. Исто така, GPT е многу флексибилен и може да се користи за многу различни цели, вклучувајќи и автоматизирани разговори, помош во учење, и многу други апликации.
И додека учениците од основните, средните и високите училишта на оваа апликација гледаат како на спас од долги часови пред учебникот, за да се совлада материјалот и да се стекне знаење, наставничкиот кадар крева рамена и вели дека колку и да се труди, не може секогаш навреме да ги фати препишувачите.
-Отсекогаш имало ученици кои умееле да не надмудрат, да препишат на тест, но според усното испрашување се знае кој колку учи, а кој препишал. Ова со апликацијата ГПТ е нов предизвик за наставниците, бевме изненадени кога и самите проверивме како функционира овој модел, кој дава прецизни и точни одговори на секое поставено прашање за дел од секунда. Новите технологии умеат да не остават без текст!
Не ни преостанува ништо друго, освен повеќе да отвораме очи за време на тестирање, но и повеќе да се сконцентрираме на усното испрашување, за ,,Фокус” откриваат наставници.
Ученици пак, раскажуваат дека ГПТ не само што им е од помош при препишување, туку и им помага да научат како да се дојде до точно решение на некоја комплицирана математичка задача, на пример, бидејќи чекор по чекор е појаснета постапката на решавање на математичкиот проблем.
-На апликацијата пишуваме – Напиши есеј за зимата, на пример, и веднаш го добиваме есејот. Пишуваме математичка задача, веднаш се добива одговорот со појаснување за целиот процес на пресметување. Значи, апликацијата може да се користи и дома, како помош при учење, не само за препишување на тестови, велат.
Инаку, истражувачката компанија за вештачка интелигенција OpenAI го претстави првиот модел на GPT, наречен GPT-1, во 2018 година.
Оттогаш, тие објавија неколку напредоци во линијата GPT на модели со вештачка интелигенција. Најновиот GPT модел е GPT-4, кој беше објавен на почетокот на 2023 година.
Во мај 2024 година, OpenAI го објави повеќејазичниот и мултимодалниот GPT-4o1, способен за обработка на аудио, визуелни и текстуални влезови во реално време.
Вики Клинчарова