Вештачењата се готови, наскоро ќе биде познато дали некој ги прислушувал обвинителите

by fokus

Пред повеќе од една година беше обелоденет нов скандал поврзан со наводно прислушување, и тоа на обвинители. Сепак, и по отворената постапка, сѐ уште не е утврдено дали разговорите на обвинителите само биле снимени по автоматизам, бидејќи опремата така налагала, или пак овие разговори сепак биле злоупотребени.

Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески при крајот на 2018 година откри дека две години обвинителите сместени покрај кејот на Вардар, но и оние во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, биле прислушувани, односно разговорите кои ги вршеле на фиксните телефони биле снимени на два хард диска.

Сепак, според доброупатени извори на „Фокус“, предистражната постапка била при крај, поради што набрзо ќе биде донесена одлука дали ќе биде отворена истрага. Како што дознаваме, вештачењата на хард дисковите се готови, но се правеле уште неколку проверки.

Доколку биде отворена истрага, тоа ќе значи дека обвинителството обезбедило докази дека сепак некој со намера ги снимал обвинителите, и ги користел информациите кои протекувале во нивните разговори, а доколку пак биде донесена одлука за затворање на предистрагата, тоа ќе значи дека сепак разговорите се снимале автоматски, без некој да ги злоупотребува.

Обвинителот Јовесеки кога го откри скандалот појасни дека ќе се истражува дали снимените разговори биле изнесувани надвор од обвинителството, односно дали информациите кои произлегувале од разговорите на обвинителите биле користени за некакви цели.

Централата за фиксна телефонија била инсталирана во 2013 година кога беше и вселена зградата, па затоа ќе се истражува дали опремата била набавена со опција за снимање, и кој тоа го барал, или тоа дополнително било инсталирано. Она што е сигурно е дека прислушувањето не е вршено од надвор, туку се вршело внатре во објектот.

Обвинителите ги користат фиксните телефони за споделување на службени информации, помеѓу вработени внатре, но и со други институции. Односно, преку телефон повикуваат и сведоци на распит, па доколку некој ја пресретнувал оваа информација, постои опасност и дека можеби се влијаело на сведоци или друг вид на саботирање на истрагите.

Валентина Вурмо

Поврзани новости