Весела математика 2

by fokus

Пишува: Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија

ЕУ И НИЕ – НЕ СЕ ЗНАЕ КОЈ КОГО „МАФЛОСУВА“, ТИЕ НАС ИЛИ НИЕ НИВ. ЧЕКОР НАПРЕД, ТРИ НАЗАД, КАКО РАКОВИТЕ ВО ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО ОД МОЕТО ДЕТСТВО КОИ ИСЧЕЗНАА ВО НАЛЕТОТ НА ТЕХНОЛОШКИОТ НАПРЕДОК И УНИШТУВАЊЕТО НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА

Веселата математика од предизборната кампања опишана во претходната колумна (Вести / Стопанска комора на Северна Македонија (mchamber.mk)) продолжува. Бројките варираат како на нишалка, исто како и фактите. Некако во сенка на локалните избори, помина самитот на Европската Унија и Западен Балкан на Брдо кај Крањ и годишниот извештај на Европската унија на земјите кандидати за членство. Во декларацијата од Брдо и во извештајот најупотребуван збор е „УМЕРЕНИ“ а тоа на европскиот бирократски јазик значи стагнација или слаб напредок. Слабиот капацитет на нашата администрација во овие документи претставува главна закана дури и за започнување на преговорите и се рангира пред владеењето на правото и корупцијата.

Насоките на ЕУ се, создавање регионален пазар на Западен Балкан, кој ИНТЕГРИРАНО треба да се поврзе со Европската унија преку Европската Економска Заедница – ЕЕЗ (инструмент за економско поврзување на земји од интерес на ЕУ кои не се, и веројатно нема да бидат нејзини членки). Иако ние, како држава, ги имаме исполнето минималните копенхашки критериуми кои се основ за било каков почеток на преговорите ЕУ, очигледно се плаши да не интегрира (внимавајте), поради слабите капацитети на бриселската администрација во која е заглавена, што значи не блокира поради капацитетите на нашата администрација, а признава дека е заглавена од нејзината администрација. Весела математика, пар екселанс „par ekselans“.

А зошто навистина заглави бриселската администрација.

  1. Блокиран е буџетот за финансирање на рамковните програми за иновации и конкурентност.
  2. Доцнат програмите „ХОРИЗОНТ“, „ИПА 3“ и пограничните програми кои требаше да почнат во 2021 година.
  3. Унитарното владеење во одредени сегменти на ЕУ создаде отпор кај поедини земји, како што се Полска и Чешка.
  4. Сѐ потешко се носат одлуки со консензус.

Сѐ на сѐ, причините дека ние треба да ги решиме најпрво билатералните спорови се само изговор за пролонгирање на процесите.

Она што ние треба да направиме е, највнимателно да ги прочитаме пораките и ги прифатиме забелешките забрзувајќи ги процесите посочени во извештајот, затоа што е очигледно дека сами не можеме да се справиме со овие предизвици и тој дел од патот мора да го поминеме под менторство на Европската комисија, без разлика дали ќе станеме нивна членка или не.

Им честитам на сите за успешно завршените локални избори, а посебно на избраните градоначалници кои преземаат многу голема одговорност во наредните 4 години. Во пресрет на нашиот 100 годишен јубилеј ќе ги поканиме сите нив во Комората да ги слушнат нашите ставови околу децентрализацијата, тоа е клуч за нивниот, но и за нашиот напредок. Со тоа ќе добиеме силен сојузник после пописот, да симнеме од дневен ред уште едно приоритетно прашање кое го кочи нашиот развој. ЗЕЛС, Владата и бизнисот мора да бидат партнери и да го забрзуваат процесот на децентрализација.

П.С. Иако можеби досадно морам да потсетам дека оваа недела не очекуваат два важни настани на регионално ниво. На 3-ти ноември во Будимпешта, состанок на претседателите на Коморите од Западен Балкан и Вишеградската група (Полска, Чешка, Словачка, Унгарија), број еден групација во регионалното поврзување со фантастичен економски резултат. Следниот ден во Белград, редовен состанок на иницијативата Отворен Балкан. Нормално, Комората ќе биде присутна на лице место, со претставници на реалниот сектор кој најдобро ги познаваат проблемите и маките при остварувањето на четирите слободи на движење (стоките, капиталот, услугите и луѓето).

 

 

Поврзани новости