Случајот со малата Данка Илиќ од соседна Србија, по која интензивно се трагаше, го крена регионот на нозе. Веста дека две-годишното девојче било удрено од автомобил, управуван од двајца пијани службеници на ,,Водовод” Бор, кои потоа телото го фрлиле на депонија, ја потресе јавноста.
За овој минструозем чин утрово слушнал и пензионираниот полициски службеник Ѓорги Колев од Радово, Струмица, а чиј татко Стојан исчезна заедно со неговиот велосипед точно пред два месеца, на 4-ти февруари, во утринските часови.
За ,,Фокус” Колев вели дека уште пред подолг период започнал да се сомнева дека неговиот татко најверојатно бил удрен од некое возило, а потоа и фрлен или можеби закопан на некое непристапно место. Својата теорија ја образложува со фактичката состојба, бидејќи во мало место како Радово, стар човек со велосипед со дупната гума, каде и да тргнал, немало да стигне далеку. Уверен е дека зад исчезнувањето на татко му стои човечки фактор, и апелира до евентуалниот сторител на делото, да се огласи, дури и анонимно, и само да им каже каде е телото на Стојан, за да можат да го погребаат.
– Уште пред неколку недели, откако целата област овде и пошироко ја пребаравме, под дрво и под камен, а никаков траг не најдовме од татко ми и од велосипедот, започнав да се сомневам дека можеби додека се движел по патот бил удрен од автомобил или пак од запрежно возило. Овде, иако е мало место, има голем број на автомобили, многу од нив немаат ниту регистарски таблици, луѓе носат дрва за огрев со нив, и тоа не е ништо ново. Еве, случајот со малата Данка од Србија, е само уште еден показател дека вакви настани се случуваат.
Апелирам, кој и да знае нешто, кој и да го сторил делото за кое имам оправдан сомнеж, да се јави, да ни каже што се случило. Анонимно нека биде, барем писмо нека ни остави, само да ни каже каде е телото на татко ми, да го погребаме како што доликува.
Не се важни годините, се работи за човек, иако тој имаше 78 години, родител ми е, и заслужува да почива во мир. Ние живееме во агонија овие два месеца, неизвесноста не се издржува. Да се врати жив веќе и не очекуваме, многу време помина, затоа молам за помош, да си го најдеме мирот – апелира синот.
Стојан исчезнал на 4-ти февруари околу 7.30 часот, кога излегол од дома со велосипедот. Случајот е пријавен во полиција, но неговата фотографија и лични податоци се уште не се објавени на страницата за исчезнати лица на МВР.
Синот вели дека не знае зошто е тоа така, но потенцира дека е благодарен на медиумите кои известија за настанот, па така пошироката јавност дозна дека се бара неговиот татко, со цел ако некој има било какво сознание, да помогне.
– Ние ја бараме вистината, ако некој го сторил она на кое се сомневам, нека не се плаши, нека пријави, нека каже, за сите да си го најдеме мирот, вели Ѓорги.
Доколку некој има било каква информација за случајот, може да се јави во полиција, или пак кај Ѓорѓи на 078 456 944.
Вики Клинчарова