Верските училишта ќе станат дел од државниот образовен систем

by Фокус

Средните верски училишта кои досега функционираа под надлежност на верските заедници во Македонија, наскоро ќе станат дел од државниот образовен систем. Вака се договорија министерот за образование Абдулаќим Адеми и поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ), Сулејман Реџепи на денешната средба одржана во седиштето на ИВЗ.

Во рамки на ИВЗ функционира средното училиште „Медреса Иса Бег – Скопје“, кое има дисперзирани класови и во Тетово и Штип. Од Исламската верска заедница велат дека овие образовни институции главно служат за подготвување на нејзини кадри и за подигање на чиста исламска свест и совест на своите припадници. Досега, овие ученици не полагаа државна матура, бидејќи не беа дел од државниот образовен систем и поради тоа имаа проблем при запишувањето на факултет.

-Министерот е на располагање да помогне во рамки на правниот систем за некои проблеми кои сме ги имале да ги надминеме. Убеден сум дека со решение на статусот на медресите ќе се отстранат одредени радикални елементи, изјави поглаварот на ИВЗ.

Засега, не е утврдено на кој начин би се реализирала замислата, со посебен закон, или со измена на Законот за образование.

И од МПЦ пред извесен период бараа верските училишта да влезат во државниот образовен систем, но тогаш не постигнаа договор со министерот Адеми.

 

Поврзани новости