Верските празници – повод за солидарност или заработка?

by Фокус

Секоја година, за време на големите верски празници што ги празнуваат христијаните, во земјава се повторува истиот ритуал. Цените на овошјето и зеленчукот, но и на други намирници, традиционално се зголемуваат, и тоа само неколку дена пред празникот, за да по неговото завршување, повторно се вратат на старо.

Без разлика дали се работи за Прочка, Велигден, Божиќ, практика е трговците да удрат по народот, очекувајќи дека секој еден ќе си дозволи побогата потрошувачка кошничка, токму поради тоа што е празник, време кога семејствата се собираат заедно околу празничната трпеза. Така, на пример, ако на тезгите за зеленчук и овошје доматите и краставиците се продаваа по цена од 70 до 90 денари, деновиве се нудат по цени повисоки за 30, 40, па и 50 денари.

Трговци со кои што разговаравме ни рекоа дека од оранжериите им била доставена робата со повисока цена, затоа и тие ја покачиле истата, што, според нив, било сосема разбирливо, бидејќи е празник и очекуваат зголемена потрошувачка. „Без гајле, по празникот повторно ќе поефтинат и доматите и краставиците“, ни одговора продавачот од зеленото пазарче.

Практиката да се печали за време на верски празници, кои првенствено треба да ја разбудат солидарноста и да се извршуваат добри дела, кај христијаните, или барем кај трговците, останува како редовен белег, празник е – нормално дека ќе го одврзете ќесето. Тоа дека верските празници треба да имаат социјална димензија, за зближување на луѓето и пружање на материјална и морална помош, како и дека хуманоста и солидарноста треба да се издигнат над себичноста, најчесто паѓа во вода со празнично зголемените цени.

И христијанските и муслиманските верски празници се со слични обележја – поклонување, солидарност, побожност, духовност и великодушност. Само што во некои случаи, човечката лакомост преовладува над овие карактеристики. Како светла точка, изминативе неколку години зачестија настани од граѓански здруженија и хуманисти, кои со цел секој христијанин да го почувствува празничниот дух, организираат акции за донирање на помош во вид на храна. Сепак, таа хуманост потешко си го наоѓа патот до зелените пазарчиња, каде празниците се само добра можност за зголемена заработка.

Вики Клинчарова

Поврзани новости