Со 76 гласа „за“ и без ниеден „против“ или „воздржан“, пратениците на денешната пленарна седница ги верификуваа мандатите на осумте нови народни избраници кои доаѓаат на местата на премиерот Христијан Мицкоски и неколкутемина новоизбрани министри во Владата.
На местото на премиерот Христијан Мицкоски во Собранието доаѓа Драган Недељковиќ од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во изборната единица 1. Пратеничкото столче на Гордана Димитриеска-Кочоска, која сега е министерка за финансии, ќе го заземе Велика Стојкова-Серафимовска од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, исто така во првата изборна единица.
Двајца нови пратеници од ИЕ 1 се и актуелниот претседател на Унијата на млади сили (УМС) на ВМРО-ДПМНЕ, Сергеј Попов и Фериде Хаџиу од коалицијата „Вреди“. Попов ќе дојде на местото на министерот без ресор Љупчо Димовски, а Хаџиу на местото на Изет Меџити кој сега е министер во животна средина.
На местото на министерот за одбрана и довчерашен пратеник Владо Мисајловски во Собранието доаѓа Дијана Илиевска од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во изборната единица 2, а министерот за односи меѓу заедниците Иван Стоиљковиќ ќе го менува Емилија Ангелова, исто така од втората изборна единица.
Весна Ѓорѓиева од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ во четвртата изборна единица е пратеничката која доаѓа на местото на министерот за транспорт и врски Александар Николоски.
На местото на министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, пак, доаѓа Каљтрина Хаџиу од коалицијата „Вреди“ во изборната единица 6.