Вера Мештеровиќ, првата Мис на Македонија за 1996 година и една од најубавите жени на нашата сцена, годинава која што изминува ќе ја памети како доста успешна, како на професионално, така и на приватно поле. Откако по паузата долга околу десет години, кога како што ни изјави во претходно интервју, максимално им се посветила на своите две деца, синот Андреј и ќерката Јована, пред две години повторно се врати во светот на моделството, таа не запира.
Имавме можност да ја видиме во повеќе видео записи на познати музички ѕвезди од земјава и регионот, како заштитно лице на многу брендови, водителка на настани. Со својата појава покажа дека и на 40 години може да се изгледа одлично, а зрелоста само уште повеќе ја истакнува нејзината убавина. За ,,Фокус” вели дека кога се одбројуваат последните денови од 2019 година, благодарна е за се што има во животот, за децата, братот и родителите кои и се огромна поддршка, за отворените врати и можности во нејзината професија. Не би менувала ништо во својот живот, и посакува со исто темпо да продолжи и во наредната, 2020 година.
-Сакам полно пакетче со здравје, љубов пред се, во сечиј дом, бидејќи кога го имаме ова, имаме се. Сето останато богатство, успех, се, се постигнува и надокнадува. Истото си го посакувам и себеси, на моите деца Андреј и Јована, на мојот брат, моите родители, на сите роднини, пријатели… Изминатата година беше успешна, полна со ангажмани, добив награда Златна Бубамара на популарноста на која и се израдував многу, бидејќи, за сите нас кои сме дел од сцената, а јас на екраните прилично долго се појавувам, со различен интензитет, но сепак, присутна, навистина е чест и задоволство кога сето тоа ќе добие јавно признание дека сте оставиле трага, свој личен печат со своите јавни настапи. Исто така, оваа година бев за прв пат модератор на јубилејниот Виенски бал, културен настан на највисоко ниво, со хуман карактер во нашата држава. Спотови со наши најпознати пејачи, реклами, бренд амбасадор на разни производи за здрав живот и козметика… Синот Андреј – одличен ученик, а со својата фудбалска генерација ФК Вардар 2009 во детската лига оваа година се на врвот на табелата и освоија два златни пехари на меѓународни турнири во Република Бугарија. Ќерката Јована од балерина се префрли на гимнастика, исто така имаше свои успеси. Сето ова најубавото, би сакала да се преслика и во новата година, да ни биде полна со среќа, смеа, радости – раскажува Мештеровиќ, која освен во спотови на наши музичари, ја имаше честа да се појави и во видео записот на популарната српска група ,,Галија”, за песната ,,Лепе ствари се понекад десе”.
Жената која што за прв пат се претстави пред јавноста на свои седум години, на МРТ, а веќе со 12 години започна со снимање на реклами и ревии, и е симбол дека во секоја возраст може да се блеска на свој начин, е благодарна за поддршката од јавноста, која што ја добива со години наназад. Со интересна честитка на читателите на ,,Фокус” им посака среќна Нова година
-Кога се менуваат годините две нека Ви донесат се: Здравје, љубов, успех, среќа, радости… Секоја желба што во срце се кова, нека Ви ја исполни 2020, годината Нова. Среќни Новогодишни и Божиќни Празници! – порача Мештеровиќ.
Вики Клинчарова