СДСМ денеска избира претседател на партијата. 23 000 членови ќе избираат помеѓу четворицата кандидати, екс министерот за здравство Венко Филипче, поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска, директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и заменик министерот за информатичко општество Александар Бајдевски.
Од Централната изборна комисија денеска потврдија дека се е подготвено за фер и демократски изборен процес.
Петровска која вчера преку прес конференција најави дека се повлекува од трката поради бројни злоупотреби при регистрацијата на членови, преку писмо од изборната комисија побарала и нејзиното име утре да не стои на избирачкото ливче.
Од друга страна пак, Јасна Аврамовска Мадиќ, сепак истакна дека избирачките материјали се веќе испечатени и Петровска не може да биде избришана. За вчерашните обвинувања за нефер изборен процес, Петровска се уште нема поднесено никакви докази, па изборната комисија не може да ги истражи.
Деспотовски, исто така го оствари своето гласачко право на денешните избори за нов лидер на партијата. По гласањето изјави дека има информации за голем број членови на партијата на кои што им било оневозможено да гласаат.
Тој нагласи дека СДСМ во ниту еден момент не смее да си дозволи своите членови да ги враќа од избирачките места.
Вонредните партиски избори СДСМ ги организира по оставката на Димитар Ковачевски поради историски најголемиот изборен пораз на партијата. Новиот лидер ќе има мандат до март идната година.
Според нашите информации, во моментот се пребројуваат гласовите, а кандидатот за лидер и поранешен министер за здравство Венко Филипче води 3 спрема 1 во однос на другите кандидати за лидер на партијата.
Нашите извори тврдат дека досега гласале околу 13.000 членови, од кои Филипче има околу 3.000, Јован Деспотовски под 1.000 гласови и Бајдовски под 700 гласа.
Ирена Мулачка