Познатиот специјалист инфектолог проф. д-р Вело Марковски ќе поднесе кандидатура за претседател како независен кандидат на претстојните претседателски избори, најавувајќи ја за утре промоцијата на неговата кандидатура.
Марковски дипломирал на медицинскиот факултет во Скопје во 1983 година, од 1986 до 1992 година работел како лекар во службата за Итна медицинска помош во Скопје, а потоа до 2010 како лекар специјалист во Инфективната клиника при клиничкиот центар во Скопје. Од 1999 до 2002 година бил директор на ЈЗУ Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби.
Својата кандидатура Марковски ќе ја промовира в четврток во 13 часот во просториите на локалот „Прима Данца“, во близина на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во Скопје, каде ќе ја промовира и својата веб-страница velomarkovski.mk во која се содржани неговите досегашни активности и неговата програма како претседателски кандидат.
„Претседателот на државата е маргинализиран. Затоа ни е потребно народот да избере одговорен и способен претседател кој ќе биде независен од политичките партии и нивните претседатели“ – пишува Марковски во својата „Визија за претседател“.