Боксерскиот шампион Вели Мумин заедно со сопругата Менка и синовите Максимилијан (4) и Кристофер (3) ги минува Велигденските празници во мрак, бидејќи во станот кој што му го додели државата е исклучена електричната енергија и веќе две недели сите органи до кои што се обратил биле глуви за неговиот проблем.
За да биде работата уште полоша, не станувало збор за неплатени сметки од негова страна, туку за заостанат долг кој што направиле станари кои што на диво живееле во истиот стан од 2010 до 2012 година. Иако се обидел лично тој да го плати долгот од околу 22.000 денари, од акционерското друштво за стопанисување со станбени и деловни објекти му ветиле дека нема да има никакви проблеми и воопшто да не се секира за долгот кој што на некој начин му го натуриле старите станари.
,,Веќе две недели живееме во агонија, заедно со сопругата и со двете мали деца. Немаме топла вода, немаме каде да им приготвиме храна, немаме греење ниту пак можеме да ги избањаме! Секојдневно се молиме да ни биде вклучена електричната енергија, а одговорот е секогаш ист ,,Не се секирајте, ќе биде“.
Од Јавното станбено претпријатие ми одговорија дека нивна должност е да го платат долгот и да средат со ЕВН, но еве времето минува, а ние живееме во ужасни услови со две мали деца. Многу сум револитиран, бидејќи јас како личност која што го претставуваше името на нашата земја во светот и се закити со европски и светски медали, не го заслужувам ова од мојата држава. Јас сум боксер кој што доби орден за заслуги на Македонија!
Можеби некој мисли дека тоа што добив стан од државата е нешто многу големо, но сепак вистината е сосема поинаква. Се работи за стан кој што се наоѓа во Топаанско Поле и е помал од 40 квадрати, а го затекнав во катастрофална состојба. Прозорците и вратите беа искршени, купатилото беше речиси неупотребливо, раскопано, имаше огромна дупка во ходникот, насекаде мувла… Има документирано се што најдов овде, а исто така и колку средства морав да вложам за да го приспособам за живеење,, – вели шампионот кој што се вселил во станот на седми август 2012 година.
,,Договорот за станот го склучив во 2010 година,но уште на почетокот иамше проблеми. Тој беше неколкупати обиван од луѓе кои што се вселувале на диво, а законски не можеа да бидат иселени, бидејќи процедурите траеле подолг период. За тие двеипол години,, колку што живееле луѓето таму, направиле многу големи сметки за струја и вода. Акционерското друштво за стопанисување на станбени и деловни објекти уште тогаш ми вети дека ќе ги подмири долговите, но не се превзеде ништо и јас буквално наследив туѓи долгови. Пред една година ми беше исклучена водата, па морав лично да склучам договор со извршител и да го плаќам долгот на рати. Значи, лани без вода, сега без струја, се прашувам, тоа ли почитта која што ја добиваат големите луѓе во ншата татковина?,, – револтирано раскажува Мумин. Тој додава дека имал и многу проблеми околу можноста за откуп на станот, бидејќи и самиот не сакал поклон, туку да му се даде шанса да си го купи домот во кој што живее со семејството.
,,Веќе четири години јас сум манипулиран и немам можност да си го откупам станот. Како да се работи за некоја луксузна палата од 200 квадрати, а не за скромен апартман од триесет и нешто квадрати! Ме препраќаат до комисијата за станбени прашања при владата чиј што претседател е министерот за здравство Никола Тодоров, ме праќаат во ПУИК, одам од врата до врата! Во станот ги вложив речиси сите пари кои што ги заработив од боксерските борби, и имам писмени докази за целата моја агонија,низ која што минува и моето семејство. За разлика од господата надлежни и од директорите, моето семејство оваа година Велигден го слави без вапсани јајца, во ладна и темна просторија. Тоа е очигледно мојата награда за сите постигнати успеси и признанија кои што и ги донесов на Македонија,, – изјави Вели.
Од 1994 до 2007 година тој беше првак на Македонија, а во 1997 година стана Балкански шампион. Три пати освоил златен гонг, два пати бил прогласен за спортист на Македонија. Има многу титули зад себе, а сега е посветен на Боксерската академија, во која што покрај бокс, се изучуваат и нови стилови. Има боксувано на 250 меча, од кои што победил на повеќе од 200. Добитник е на орден за заслуги и афирмација на Македонија, а последен пат настапил на Светското првенство во Казахстан во 2013 година, каде што освоил една победа. Во јавноста е познат како Атомска мравка, поради висината од 156 сантиметри и тежина од 52 килограми.
Во ситуацијава, ЕВН само го спроведувале законот, но велат дека грижата за корисниците им е најважна и дека ќе сторат се што е во нивна можност што побргу да се реши случајот со Мумин.
,,Ние во ЕВН навистина не знаеме на кој корисник му е исклучена електричната енергија, бидејќи овде го гледаме бројчаникот, а не името на корисникот. Жал ни е поради случката, и верувајте дека постапуваме исто кон сите корисници, без оглед дали се работи за обични граѓани или пак за јавни личности, во случајов нашата боксерска легенда. Ќе му излеземе во пресрет на нашиот корисник, секогаш сме овде за да најдеме решение со кое што ќе бидат задоволни и двете страни. По празниците ќе стапиме во контакт и соагенцијата за стопанисување со станбени и деловни објекти и ќе се потрудиме да го средиме целиот случај“ – изјави портпаролот Атанас Ковачевски.
Вики Клинчарова