Раскажува дека дури и самата се изненадила од листата со субвенционирани пејачи, бидејќи иако е дел од сцената повеќе од дваесет години, дури и таа за прв пат ги слушнала имињата на некои од тие кои добиле суми од по три илјади евра, па и повеќе.
-Јас досега два пати добив субвенции за музика. Веднаш снимив спотови за наградените песни. Станува збор за песните ,,Остани’’ и ,,Црно и бело’’ кои беа прифатени од слушателите на фолк музиката и се вртат во етерот. Она што е интересно за ,,Црно и бело’’ е приказната зад неа, песната му ја посветив на мојот сопруг Марјан, во која ги опеав нашите заеднички моменти, подемите и падовите, нашите брачни вибрации. Се потрудив да ја промовирам на најдобар начин, па затоа мои фанови често знаат да ми кажат дека им е омилена балада. Но она што го создаде револтот кај јавноста околу субвенциите, мислам дека е фактот што добар дел од пејачите воопшто не се потрудиле нивните субвенционирани песни да допрат до народот, не сме ги слушнале, не станале хитови, не се вртат по радио станици или ТВ. Дури и на репертоарите во локалите не се застапени. Затоа се прашувам по кои критериуми тие биле наградени? – искрена е Велевска.
Таа тврди дека поради анонимни пејачи, кои се еден вид на фантоми за пошироката јавност, оние кои професионално биле посветени на кариерата и вредно работеле и твореле, на неправеден начин се ставени во ист кош со анонимните. -Сите ние знаеме кои се музичарите кај нас кои имаат редовни настапи и се барани од публиката. Има такви кои секој викенд се резервирани, додека за некои не можеме да се сетиме кога за последен пат сме ги виделе во јавност, а не пак да сме им слушнале нова песна. Преживуваат на стара слава, не творат, не инвестираат во себе и кариерата, и на крај дознаваме дека на редовни бази биле субвенционирани. Апсолутно се согласувам дека укинувањето на законот за субвенции е исправен чекор – тврди таа.
Велевска е една од најбараните наши фолк пејачки во земјава, но и кај нашата дијспора веќе со години наназад. Редовно снима спотови и нови материјали и една е од ретките кои речиси секој месец подготвуваат нова професионална фотосесија за потребите на медиумите,но и за обожавателите. Додава дека за голем број од нејзните спотови одвоила суми кои се повисоки од тие, кои ги добила како субвенции, и на тоа гледа како на дел од нејзината професија.
– Сите пејачи кои што сакаат да бидат актуелни и популарни, мора да инвестираат во својата кариера. Треба да вложуваат, да снимаат, да бидат застапени. Не требало да се дозволи да се чека само од субвенции, мора да се работи и да се снима. Колку повеќе работиш, толку повеќе добиваш. Народот знае да препознае квалитет и посветеност, затоа би им порачала на колегите на кои тешко им паѓаат критиките поради добиените пари, да се совземат и да влезат во студио, наместо да бараат оправданија- порача Велевска.
-Мене субвенциите не ми направија некоја драстична промена бидејќи и без нив, редовно инвестирам во својот бизнис, но за многумина ова беше ,,перење’’ на пари и секој почна да си игра пејач или пејачка – вели Велевска.