Полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Сопот, вчера кај напуштена бензиска станица пред село Воиновиќ, Куманово, го лишиле од слобода С.Ј.(44) од Велес, вработен во Полициската станица Велес, поради обид за криумчарење на четири лица од Кина – соопштија од МВР.
Според соопштението, полицаецот бил затекнат на наведеното место со возило „мерцедес“ со велешки регистарски ознаки при обид да преземе четири лица од Кина, кои илегално влегле во државата, за да ги превезе до Гевгелија. Во 10.15 часот на бензинска пумпа на автопатот Табановце-Куманово, како соучесник во криумчарењето, од слобода бил лишен и Е.М.(35) од с.Горно Оризари, Велешко, за кој постои сомнение дека е организатор и учесник при вршење на делото. За случајот бил известен јавен обвинител и Одделот за внатрешна контрола,криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР заради превземање на мерки од нивна надлежност.
Од СВР Велес за ,,Фокус” тврдат дека кај нив не евидентиран случајот, туку е во надлежност на Полициската станица за граничен надзор. Не коментираат ниту за полицискиот службеник, односно дали станува збор за лице кое евентуално и во минатото имало кривични дела зад себе, како што беше случајот со убиениот полицаец од минатата недела.
Како потсетување, ова е втор пат во изминатиот период полициски службеник од Велес да се најде во центарот на вниманието. Минатата недела 40-годишен полицаец од Велес беше убиен од страна на 23-годишната жена со која живеел во вонбрачна заедница. Настанот се случил откако тој ја фатил за врат и почнал да ја дави, по што таа го избодела со нож. Набргу по случката, испливаа детали за неговото насилно минато, а во два наврати, за две кривични дела бил осуден во Основниот суд во Велес само условно.
Покрената е и онлајн петиција, во која се бара слобода за жената, бидејќи делото го извршила во самоодбрана. По овој настан во јавноста се покренаа прашањата дали и колку се води контрола околу тоа кои се лицата кои носат униформа и треба да ги штитат граѓаните, но и кои се професионалните стандарди кои треба да се исполнуваат, за да се работи како полициски службеник.