Велешката болница до гуша во долгови: Месечно се трошеле по 6.000 евра за вода!

by fokus
ЈЗУ Општа Болница Велес завчера добила опомена пред исклучување поради неплатени сметки за вода, од страна на ЈКП ,,Дервен’’, за период од декември 2014 година, па се до јули 2017. Се работи за сума од 10.535.695,50 денари, односно околу 171.000 евра.
 
Опомената пред прекинување на водоснабдување доспеала во болницата токму на денот кога на функцијата директор стапил Др. Димитар Стровјаноски, а освен неплатените сметки за вода за пиење, тој затекнал и неплатени фактури за храна на болните, во износ од околу 10.000 евра.
 
Покрај огромниот долг на болницата, впечталива е сумата на месечните сметки кои таа ги правела за вода за пиење. Според опомената од ЈКП ,,Дервен’’ јасно се гледа дека ако за 30 месеци се направил долг од околу 171.000 евра, значи дека една просечна месечна сметка за вода би требало да изнесува од пет до шест илјади евра.
 
И покрај тоа што болницата не е мала, и во сметките се пресметува потрошената вода, но и изнесување на смет, по квадратура на дворна површина, сепак сумата е  вртоглава.
 
,,Опомената од ЈКП ,,Дервен’’ не е ништо тајно и е дадена на увид на јавноста преку медиумите. Точна е и сумата од околу 170 илјади евра, што значи дека комуналното претпријатие пресметало дека болницата месечно прави сметки за вода во износ од над 5.000 евра. Сето тоа ќе се испитува, како и зошто мојот претходник Атанас Василев не реагирал. Чекаме да се врати економистот од одмор, и ќе ја комплетираме целата документација за случајов, дали и порано доспевале опомени, и зошто се дозволило долговите да се натрупаат’’ – вели Др. Стровјаноски.
 
Др. Стровјански веќе го информирал Министерството за здравство за проблемот, од каде очекувал поддршка за решавање на проблемот.
Вики Клинчарова

Поврзани новости