Велешка Питијада само со домашни музичари, како поддршка на локалната економија и македонската песна

by fokus

Од шести до осми октомври во Велес ќе се одржи традиционалната манифестација Питијада, информираше градоначалникот Марко Колев. Од она кое е досега познато, настанот ќе се одржи пред Панини, а водител ќе биде актерот и стенд ап комичар Стефан Николовски.

Музичките гости пак, ќе биле само од домашната естрада и листата на изведувачи веќе била дефинирана, а по завршувањето на потребните процедури околу договорите, ќе биде објавена.

,,Фокус,, разговараше со градоначалникот Марко Колев и со претседателот на Советот, актерот Зоран Љутков, и двајцата се едногласни дека треба да се и се даде поддршка на македонската естрада, па затоа се донела одлука да нема регионални музички гости на Питијадата.

-Да се поддржи локалната економија, парите да останат во земјава, и секако да и се даде поддршка на македонската естрада. Затоа се одлучивме да поканиме само домашни музичари, програмата е веќе готова, наскоро ќе бидат објавени имињата на изведувачите. И минатата година на настанот гостуваа само домашни музичари, поминавме добро, имаше голема посетеност, народот си го цени своето. Верувам дека и годинава ќе имаме одлична манифестација – истакна Љутков.

Градоначалникот Колев пак, вели дека од општинскиот буџет се одвоени 3,5 милиони денари, односно околу 57 илјади евра за настанот.

-Подготовките за Питијадата се во тек, очекуваме голем број на посетители и одлична забава со домашни музичари од поп, фолк и рок сцената. Музички ѕвезди од странство нема да има, така беше и минатата година, им даваме предност и поддршка на нашите изведувачи- ни изјави градоначалникот.

Манифестацијата првично е наменета за промоција на велешкиот кулинарски специјалитет, пита со свинско месо, и годинава според досегашните неофицијални информации, велешките пити ќе се продавале по цена од 200 денари.

Вики Клинчарова

Поврзани новости