Велешани во шок по нападот врз соседите: Му сметало капењето од настрешницата, па го зел чеканот!

by Fokus
Велешанецот Спасе В.(47) кој во раните утрински часови со чекан ги нападна своите соседи на спиење, нанесувајќи им тешки телесни повреди, од кои подоцна едно лице почина, ја шокираше јавноста.
 
Велешани се изненадени од крвавиот пир, а убиецот го опишуваат како повлечен човек, кој немал сопруга и деца и бил многу близок со родителите. Велат дека подолг перид не бил во градот и живеел во Австралија со години.
 
Иако причината за нападот сеуште официјално не е позната, од наши извори дознаваме дека нетрпеливоста помеѓу соседите траела подолг период. Според шпекулациите присутни помеѓу велешани кои ги знаеле семејствата, проблеми помеѓу нив имало и за најбанални ситници. Како капка која што ја прелеала чашата на Спасе, ја наведуваат настрешницата која неодамна ја поставило нападнатото семејство, а од која наводно на напаѓачот му капело во дворот, по што во повеќе наврати имале расправии.
,,Не постои изговор за ова злодело. Посебно не било каква приказна за настрешница и капење од неа, со оглед на тоа што дожд немаме видено подолг период. Инаку, лицето никогаш не било пријавувано кај нас во минатото. Се работи на случајот, сеуште не можеме да откриваме повеќе детали’’ – изјавија од СВР Велес, притоа не откривајќи и дали напаѓачот бил под дејство на алкохол кога го извршил нападот.
 
,,Спасе го немаше во градот со години. Дознавме дека бил во Австралија, каде што има роднини. Откако се врати во Велес, ретко го среќававме надвор. Но имаше нешто чудно во неговиот поглед, како да не беше истиот човек што го познававме од порано, од младоста’’ – ни раскажаа негови сограѓани, видно вознемирени од настанот.
 
Како мало потсетување, настанот се случил кога 46-годишниот Спасе В. прво ја скршил влезната врата на неговите соседи, потоа влегол во собата каде спиела ќерката и ја удрил со чекан по глава при што ја повредил.
Во тој момент во собата влегле родителите на девојката, па осомничениот и нив ги удрил со чеканот по главата, нанесувајќи им тешки телесни повреди, од кои подоцна таткото починал.
 
По викотниците за помош, во собата дошле и братот на починатиот со сопругата, кои живееле на другиот кат од куќата, па осомничениот со чеканот и ним им нанел тешки телесни повреди.
 
По извршување на делото, осомничениот се вратил дома и на социјалните мрежи објавил статус во кој известува дека ги убил „своите монструми“. Од јавното обвинителство велат дека напаѓачот бил веднаш пријавен и дека од судот ќе биде побарано да му се одреди мерка притвор.
 
Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Велес изврши увид на лице место во семејна куќа, во која што утрово околу 02:00 часот е извршено кривично дело убиство. Јавен обвинител издаде наредба да се изврши обдукција на телото на починатиот, како и наредба за подигање на сите траги и материјални докази од местото на настанот.
Вики Клинчарова

Поврзани новости