Околу стотина граѓани денеска во Велес повторно побараа оставка од министерот за здравство, Никола Тодоров. Под мотото „Црвен картон за Тодоров“ тие одржаа уште еден протест против односот на државните институции, кој придонесе за смртта на малата Тамара Димовска, која чекаше решение од Фондот за здравство и 30.000 евра за операција во странство.
Новинарот и водител Огнен Јанески на мирниот протест побара да се покрене иницијатива, со која во Законот ќе се именува посебен член, кој ќе биде именуван како „членот на Тамара“.
– Со тој член, законски треба да се заштитат сите итни случаи како Тамара и да се одреди конкретна одговорност кон прекршувачите на Хипократовата заклетва, односно што ќе доведат човечки живот во опасност. Сепак, ова е само иницијатива, која ќе се разгледува од правен аспект, и би поттикнал ангажираност од правниците, за да не се заборави Тамара, и за никогаш да не ни се повтори. Зашто, сите ние сме Тамара – изјави Јанески.