Невообичаен настан се случил во Велес пред десеттина дена, кога маж на возраст од 47 години бил нападнат и каснат од видра.
Велешанецот, кој одгледувал крапови кај Капиновски вирови, заминал да улови крап во вечерните часови, и ја забележал видрата која скокнала и го каснала, при што му откинала парче месо од раката. Веднаш побарал лекарска помош во велешката болница, каде му била извршена хируршка интервенција, по што бил пуштен на домашно лекување.
За регионалните медиуми, веста ја потврдиле од ПР службата на ЈЗУ Општа болница Велес.
Велешани за случката велат дека не памтат некогаш да се случило човек да биде каснат од видра во нивната околина. Станува збор за животно кое е ретко, а во Македонија се проценува дека популацијата е околу 350 до 400 единки.
Таа живее околу природни и вештачки водни живеалишта, а се храни со риба, полжави, инсекти и змии. Напаѓаат само кога се чувствуваат загрозено и имаат остри заби и канџи.
Токму поради тоа, претпоставките на граѓаните се дека го искасала човекот, бидејќи се исплашила од неговото присуство, а можеби имала и младенчиња кои сакала да ги заштити од евентуална опасност.
Ветеринарни лекари со кои разговаравме пак, велат дека во земји каде видрата е распространета, иако многу ретко, сепак се случувало да нападне, односно да касне човек. Кај нас, а и пошироко на Балканот, бидејќи се работи за исклучително редок вид, ова можеби бил единствениот случај.
– Во Северна Америка на пример, каде има голем број на видри покрај водните површини, во последната декада биле забележани само шест случаи кога видра нападнала човек. На светско ниво, од 1875 година до сега, забележани, односно официјално се регистрирани само 44 напади на видра врз човек!
Помеѓу нив е и случајот за кој известуваа речиси сите медиуми, кога видра повлече дете под водата, и кое беше спасено од неговата мајка. Настанот се случи минатата година во Вашингтон, додека се шетале покрај вода, и детето беше изгребано, а мајката беше касната на раката.
Исто така, светските медиуми лани известија и за жена од Малезија, која беше нападната од десеттина видри, додека шетала во парк покрај езерце. Таа заврши со потешки повреди, повредени беа и неколкумина од луѓето кои притрчале да ја спасат.
Значи, нападите од видра се случуваат, но многу се ретки ширум светот, затоа и случката во Велес предизвика внимание.
Причина за таквото однесување на видрата може да биде чувството на страв, загрозеност, глад, или пак за да заштитат младенчиња, територија, или својата храна. Како совет за граѓаните, доколку сретнат видра, најдобро е да и се тргнат од патот, да ја остават да помине и да не се обидуваат да ја допрат, раскажуваат нашите соговорници – ветеринари.
Според Законот за заштита на природата, видрата е строго заштитен див вид.
Во Македонија, се наоѓа на Националната црвена листа на загрозени видови на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN).
Вики Клинчарова