Велес се подготвува за Питијада, уште не се знае кои ќе бидат музичките гости

by fokus

Велес се подготвува за традиционалната општинска манифестација Питијада, која ќе се одржи по три години пауза од седми до деветти октомври.
Градоначалникот Марко Колев за ,,Фокус” ја потврди веста за враќањето на популарната манифестација, која во 2019 година беше откажана, а средствата беа пренаменети за санирање на штетите кои настанаа од големиот пожар кој ја зафати околината на Велес таа година.
Потоа, наредните две години не се одржа поради пандемијата.

Според Колев, годинава ќе бидат одвоени 2,5 милиони денари од општината и околу еден милион денари од спонзори за настанот.
Се уште не е дефинирано кои музички гости ќе настапат пред присутните и дали тоа ќе бидат домашни или пак регионални пејачи. Уште во предизборната кампања, тој најави дека ќе го заживее настанот и ќе привлече многу гости со интересни содржини.

Како потсетување, во минатото на Питијада доаѓаа големи музички имиња како Парни Ваљак, Здравко Чолиќ, Црвена Јабука… Кога на чело на општината во 2017 година дојде градоначалникот Аце Коцевски, тој изјави дека додека е на функција, на Питијадата во Велес нема да гостуваат странски пејачи, туку само домашни.

Како што појасни тогаш, не можело да се даваат десетици илјади евра за музички гости, а истовремено во градот да има неасфалтирани улици.

Сепак, во годините кога гостуваа странските музичари, бројот на посетители во Велес беше значително поголем, отколку кога пееа македонски пејачи.
Инаку, Питијада е настан на кој се промовира традиционалната велешка пита. Според општински податоци, во минатото се случувало да се продадат и над 40.000 пити, како и да се испијат по 10.000 литри вино за време на настанот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости