Вељаноски, Јанакиески и Ристовски добија по шест години затвор

by Fokus

Обвинетитe во предметoт „Организатори на 27 април“ се прогласени за виновни, а судот смета дека овој насилен акт е плански организиран за да се зачува власта,  се вели во пресудата на Судечкиот совет од Основниот кривичен суд Скопје .

Поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски за делото  терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста доби  шест години и шест месеци затвор. Поранешните министри за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски се осудени на шест години и три месеци затвор за истото дело, а поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски  е осуден на шест години затвор.

-Виновни се затоа што по неуспешните преговори за формирање Влада, изготвиле план со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста со насилни акти за да не се случи примопредавање на власта, вклучиле и патриотски здруженија, ангажирале и лица за вршење насилство за да не се избере нов претседател на Собранието, појасни судијата.

Кривичниот совет за овој случај го водеше судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.

Според Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, обвинетите знаеле точно што прават и фрлиле се на една карта со единствена цел да се спречи формирање на влада од веќе обезбеденото парламентарно мнозинство.

Обвинителството побара мерка притвор за осудените Вељановски, Ристовски и Атансаовски, до правосилноста на пресудата имајќи ги предвид околностите на нивните поранешни функции, за Јанакиевски е побарано да биде укината мерката куќен притвор за други процеси и да биде спроведен во ефективен притвор.

Судскиот процес за организаторите на насилствата од 27 април во Собранието започна на 21 февруари 2020 година.

Во истрагата беа опфатени и поранешниот премиер Никола Груевски и ексразузнавачот Никола Бошковски, но постапката за нив е запрена додека не станат достапни на органите на прогон.

Поврзани новости