Вељаноски го подучуваше Џафери како да не упаѓа во збор

by fokus

По девет години претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, сега од позиција на пратеник, од говорницата во парламентот го подучуваше својот наследик, Талат Џафери, како да ја води седницата. Вељаноски му замери на Џафери затоа што беше прекинат во своето излагање на расправата за Законот за јазици.

-Човек што молчеше сега сака да надокнади со тоа што ќе упаѓа во збор – му рече Вељаноски на Џафери.

Според него, Законот за јазици е противуставен.

-Ќе го гласав да беше во рамки на Рамковниот договор. Како што беше во 2008 и 2011 година. Јас го направив тоа, јас го подготвив тој закон и заедно со пратениците на ДУИ го изгласавме. И тогаш имаше барања надвор од Уставот, тоа е нивно право да бараат, но не може тоа да го прифати оној што сака да дојде на власт по било која цена и кој е спремен на се. Последиците за тоа ќе ги плаќа Македонија – рече Вељаноски.

По завршувањето на говорот, тој му се обрати на Џафери.

-Инаку Талат не беше коректно од ваша страна да ме избришете. Се пријавив за збор, а пола саат по координацијата го избришавте тоа – рече тој.

Џафери негираше.

-Не избришав никого, пратениците беа токму така пријавени и се изјаснија да им остане правото за збор. Не е коректно вашето укажување – возврати тој.

 

Поврзани новости