Вељаноски им пиша на пратениците како да си ги замрзнат платите без да ја чекаат Владата

by Фокус

Поранешниот претседател на законодавниот дом Трајко Вељаноски преку отворено писмо им се обрати на претседателот на Собранието Талат Џафери, координаторите на пратеничките групи за, како што вели, да им укаже на неколку елементарни аспекти поврзани со одлуката на Уставниот суд во вррска со зголемувањето на платите на избраните и именувани функционери.

„Ако чекате Владата да ви достави текст на Закон, ќе се изначекате водејќи се според односот на Владата во однос на ветувањето дека ќе бидат намалени високите примања на функционерите од регулаторните тела. Наспроти тоа, наместо да молчите, свикајте ад-хок координација согласно член 24 став 2 од Законот за Собрание и донесете Заклучок да се изготви Закон за измена и дополнување на законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, а службите во Собранието професионално ќе си ја извршат задачата и за неполн час ќе го изготват Законот. Ова законско решение потоа, по итна постапка можете да го донесете уште истиот ден на итна седница и тоа ќе стапи во сила уште веднаш“, пишува Вељаноски.

Тој им порачува на пратениците овој предлог да гo сфатат како добронамерна идеја која има за цел да оневозможи да се прекрши гневот на граѓаните кон пратениците и кон Собранието како носител на закони.

„Предлагам со Законот за измена и дополнување на законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија да предвидите бришење на членот 11 со кој се предвидува основицата за пресметка на плата да биде просечната месечна плата. Наместо тоа, предлагам да додадете нов член во Законот со кој ќе се утврди фиксен износ кој соодветствува на сегашните примања и на тој начин ќе се постапи по одлуката на Уставниот суд и нема да има двојство во нормирањето“, истакнува Вељаноски.

Поврзани новости